Search

Заев-Охисало: Континуирана поддршка од Финска за евроинтеграцијата на С. Македонија

Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со делегација на Република Финска предводена од министерката за внатрешни работи Марија Охисало, на која било разговарано за новата методологија за преговори за членство во ЕУ предложена од Франција, за почитувањето на меѓународно признатите норми за справување со мигрантската криза, како и за мерките и соработката со земјите од регионот.
Заев, како што информираат од владината прес-служба, на средбата изразил благодарност за поддршката на Финска, која во моментов претседава со Европската Унија и напорите кои ги прави за Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
– Владата е целосно посветена да ги иницира и практично ги спроведува сите процеси со цел воспоставување на владеењето на правото, демократијата, борбата против корупцијата и обезбедување на стабилност и безбедност. Без почитување и применување на овие принципи е невозможно да се зборува за европска и евро-атлантска интеграција на нашата земја, рече премиерот Заев подвлекувајќи дека реформите во земјата ќе продолжат иако негативниот сигнал од ЕУ влијаеше врз внатрешните политички случувања во земјата, по што се закажани предвремени избори за 12 април идната година.
На средбата, се вели во соопштението, станало збор за новата методологија за преговори предложена од Франција, за која Северна Македонија е подготвена активно да се вклучи во нејзиното донесување за да се забрза остварувањето на единствената перспектива за земјата и регионот – членство во Европската Унија.
Исто така, било разговарано и за почитувањето на меѓународно признатите норми за справување со мигрантската криза, како и за мерките и соработката со земјите од регионот кои се преземаат за справување со трговијата на луѓе и борбата со организираниот криминал.
Финската министерка Охисло е во посета на нашата земја и учествува на дводневниот Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан, во рамките на финското претседателство со Советот на ЕУ, што денеска и утре се одржува во Скопје.

Треба да знаете
Последни објави