Search

Заев: Нов голем пакет економски мерки вреден 200 милиони евра, солидарно и одговорно да помогнеме на работниците, граѓаните, фирмите

– Сите наши капацитети, сите наши сили мораме да ги насочуваме во борбата против корона вирусот, во заштита на граѓаните и справување со економските последици од оваа глобална пандемија.

Економските последици од оваа криза ќе бидат огромни и ќе ги опфати речиси сите економии, и оние најразвијните и оние коишто се во развој, како нашата.

Пред нас е период на сериозни економски предизвици, за граѓаните, за фирмите, за стопанството.

Македонската економија во изминатите 2,5 години ја зајакнавме, и дадовме стабилност и раст, од -1.8% БДП до +3.6% БДП, што е добра основа за справување со кризата пред нас.

Во овие тешки времиња преземаме одговорност да се соочиме со сите економски предизвици, да делуваме одговорно, ефикасно и солидарно, за последиците од оваа криза да бидат што помали.

Целиот економскиот тим на СДСМ кој го водам и го координирам како претседател подготви нов огромен пакет економски мерки кој го доставуваме до Владата за натамошно разгледување и усвојување.

Оваа држава е изградена на принципите на солидарност, меѓусебно помагање и почитување.

Како никогаш досега треба да се водиме исклучиво од овие принципи.

Да им помогне на компаниите, на работниците, на бизнисот, на граѓаните, а со тоа и на целокупната македонска економија. Главна цел мора да ни биде, исто така, да ја одржиме јавната и приватната потрошувачка. Ова е многу важно за економијата.

Сите овие мерки се на здрава основа, со финансиски план за нивна реализација, во вкупна вредност од околу 200 милиони евра за поддршка на граѓаните и стопанството.

1. Минимална плата за април и мај, обезбедена од државата, за секој работник во приватните фирми погодени од кризата

За сите приватни фирми погодени од кризата владата ќе помогне со исплата на една нето минимална плата по вработен (14. 500 денари) за месеците април и мај. Фирмите сами ќе си ги платат придонесите за плати, како и персоналниот данок. Секако останува правото на фирмата на своите вработени да даде и поголема плата од минималната нешто што и ќе го очекуваме.

Од 99 шифри на дејности безмалку половина се погодени од кризата директно или индиректно, но секако се знае и кои не се погодени од кризата, односно имаат мали последици и тие секако не се опфатени

Оваа мерка ќе можат да ја користат сите фирми кои:

Под 1; нема да даваат дивиденди и бонуси за менаџментот и вработените до крајот на 2020 година и нема сега, за време на кризата да повлекуваат дивиденди и бонуси на основ на добивка од 2019 година;

Под 2: нема да се пресметува помошта за бројот на вработени кои имаат поголема нето плата од 39.900 денари а сите под таа плата ќе спаѓаат во пресметката за помошта

Под 3: фирмите кои ќе аплицираат мораат во моментот на аплицирањето да имаат најмалку ист број на вработени како пред корона кризата.

Критериумите ќе ги одредиме јасно и прецизно, а целта е да нема отпуштање на вработени како и сочувување на стабилноста на фирмите. Фирмите ќе можат да си ги довработат, ако евентуално испуштиле работници и после тоа да аплицираат за мерката.

Правиме се, за секој работник да го задржи своето работно место и за тоа да добие минимална плата од државата.

 За оваа мерка државата ќе одвои околу 120 милиони евра.

2. Месечна плата (паричен надоместок) и за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50% од просечната плата на работникот

За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест – месечна плата, секој месец во висина од 50% од просечната месечна нето плата на работникот за последните 24 месеци односно согласно член 68 од законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Каде јасно е објаснето решението за работници кои останале без работа.

3. Сите функционери и раководители одат на минимална плата

Сите избрани и именувани функционери и раководители на државно и на локално ниво, пратеници, премиер, вицепремиери, министри, градоначалници, директори, раководители, судии и обвинители, ќе земаат минимална плата од 14.500 денари за месеците април и мај.

 4. Сите вработени во јавен сектор одат на минимална плата

Вработените во се она што се смета за јавен сектор, јавна администрација на државно и локално ниво ќе земат минимална нето плата од 14.500 денари за месеците април и мај.  

Важно е да се напомене дека оваа мерка не се однесува на вработените лекари и медицинскиот и помошен персонал, полицајците и војниците и тие што работат со нив и околу нив, за помагање за справувањето со Корона вирусот.

Во вакви времиња, најповикани сме на солидарност. Подобро да издржиме два месеци, солидарно, на минимална плата, отколку да дозволиме крах на економијата и последици по сите.

5. Претседателите и членовите на советите во општините, управни и надзорни одбори на јавни институции ќе работат без надоместок

Мерката предвидува претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините, и претседатели и членови на комисии формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земат никаков надоместок за месеците април и мај. Ова не е време за екстра надоместоци.

При исплата на платите и надоместоците, заштедите кои ќе се постигнат, задолжително, сите јавни и државни субјекти ќе ги уплатат во така наречен фонд за борба против Корона (Корона фонд) отворен во рамки на Буџетот на Владата од кој доминантно ќе се спроведува солидарноста кон граѓаните и стопанството.

6. 7.000 денари по домаќинство за лица без работен ангажман или лица кои биле дел од неформална економија

За оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита за месец април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство.

Исто така, со цел поддршка на постоечките корисници на социјална заштита, овозможуваме дополнителна исплата на енергетски додаток за месец април и мај.

Вкупниот проценет фискален ефект за два месеци за двете мерки изнесува 389 милиони денари или над 6,3 милиони евра.

7. Се запира Законот за извршување до крајот на јуни

Се суспендира односно запира законот за извршување до крајот на јуни. Извршителите ќе бидат должни да запрат со преземање на било какви извршни дејствија.

Работодавците на должниците и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите до крајот на јуни. Ова нема да важи само во случаи кога веќе парите се легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаеви кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители.

8. Одложување на кредитите

Банките ќе ги одложат сите кредити на граѓани и фирми погодени од кризата за три месеци. Тоа значи дека априлската рата кредит ќе се плаќа во јули.

 Благодарение на Народна Банка и координација со комерцијалните банки, банките го прифатија ова, а некои велат дека ќе овозможат одложување и повеќе од 3 месеци. Доколку не се спроведува, ќе се донесе Уредба со законска сила, но верувам дека нема да дојде до тоа. Владата веќе поднесе и изготви да се донесе Уредба со законска сила за промена на законот за облигациони односи како би можело промнтно без допир, без состаноци да ги прават Анексите и самото одложување на физичките лица, а секако очекуваме на барање на приватните компании погодени од кризата, банките да ги одобруваат ваквите одложувања.

 9. Се ослободуваат од плаќање закуп корисниците на социјалните станови

Од плаќање закуп на социјалните станови ќе се ослободат сите корисници на тие станови, а исто така ќе се ослободат од плаќање закуп и граѓаните и фирмите кои имаат закуп на деловен простор од Претпријатието за станбен и деловен простор. Тоа ќе се случи за следните три месеци додека очекуваме да трае кризата.

Препорачувам до сите приватници коишто издаваат простор да го сторат истото, да одложат и да бидат солидарни во овие месеци верувам дека можат да издржат да ги одложат закупнините односно закупите кои ги даваат на своите клиенти заради тоа што тоа ќе покаже голема солидарност.

10. Дополнителни безкаматни кредити за фирмите од нови 6 милиони евра

Развојната банка на Северна Македонија, покрај 5,7 милиони ќе пушти и дополнителни 6 милиони евра бескаматни кредити за фирмите под веќе соопштените услови, а каматата ќе ја покрие владата.

11. Нови 50 милиони евра евтини кредити преку комерцијалните банки

Дополнително, развојната банка на Северна Македонија ќе пушти 50 милиони евра евтини кредити преку комерцијалните банки во износи од 3,000 до 90.000 евра со севкупна камата не поголема од 1 %, во моментот се преговара за 1% до 1,5% верувам дека банките ќе го прифатат ризикот од 1%, а трошокот на Развојната банка од 0,5% ќе го покрие владата, со конечна цел да бидат максимални најевтини ваквите кредити.

12. Со уредба со законска сила ќе се забрани фирмите да одат во стечај за време на кризата.

Без разлика дали случајот го покренал доверител, кредитор или самата фирма со покренала стечај. Со тоа ќе се спречи наплив на евентуално неплаќање по пат на стечај. Ова е недозволиво во ваква криза.

13. Помош за медиумските работници и медиумските куќи

За сите информативни дејности, медиумски куќи, владата ќе обезбеди помош, по една минимална плата од 14.500 денари по вработен за месеците април и мај.

14. Помош за спортистите и уметниците

За сите спортски работници вработени во спортските здруженија, владата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај.

За 141 самостоен уметник ќе биде обезбедена минимална плата за месеците април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура.

15. Поголема можност за пензионерите, лицата со попреченост и бремените жени

Согласно фреквенцијата на граѓани, од 7 до 9 часот наутро, во продавници и аптеки да може да купуваат само пензионерите, лицата со попреченост како и бремените жени.

 Ако се докаже дека некоја фирма или поединец, осмислил и остварил екстра профит на сметка на здравјето на граѓаните користејќи ја оваа криза, Владата може да посегне по донесување на Уредба за национализација, јас ќе ја поддржам во тоа.

Ова е нов предлог пакет мерки кој е насочен кон граѓаните, кон работниците, кон сите вас кои чесно си ја заработувате платата, а сега поради големата неочекувана здравствена криза се наоѓате пред неизвесност за својата егзистенција.

Ова се мерки со кои гарантираме дека ќе обезбедиме основен приход за секој граѓанин. За нас секој работник е важен, секој човек е важен. Парите од буџетот одат директно за помош на граѓаните, на што е можно повеќе категории, се разбира прво најпогодените. Во сите овие проекции, пресметки, предвидувања и планови, најважно беше државата да обезбеди и доволно пари за здравствениот систем. Здравството мора да биде стабилно за да ја издржи оваа вонредна околност. Во таа смисла, покачувањето на платите на лекарите и медицинскиот персонал кое го спроведовме изминатата година, сега се покажува како повеќе од оправдано.

Денес сакам да им се обратам и на земјоделците, на оние кои се занимаваат со една од најважните стопански гранки.

Драги земјоделци, особено вие кои наоѓате на почеток на новата сезона, ве охрабрувам да си продолжите со работата, да ги насеете и посадите нивите.

Фирмите – дистрибутери имаат доволно репроматеријали, семенски материјал, средства за заштита и прихрана, има гориво и воопшто се што е потребно за навреме да ги извршувате сите агротехнички мерки.

Почитувајте ги мерките на Владата околу превентивата и продолжете да ја произведувате храната за нашите граѓани.

Како никогаш до сега е јасно колку е важно домашното производство на храна. Тоа за една држава и нејзините граѓани е најсигурно и најевтино.

Оваа Влада беше свесна за ова и затоа земјоделското производство доби стратешко место во носењето на мерките и средствата од буџетот кои се одвојуваат за негов развој.

До сега се исплатени близу 400 милиони евра директна поддршка за нашиот аграр, инвестиравме во системи за наводнување, обезбедивме зелена нафта, државна земјоделска земја добија голем број на земјоделци и сточари, станавме лидери во искористеност на ИПАРД фондовите… покажавме грижа за домашното производство на храна.

Сега, во услови на светска криза со корона вирусот, важно е земјоделството да остане високо активно и да продолжи да биде продуктивна дејност која им помага не само на земјоделските семејства, туку и на целото општество. 

Почитувани граѓани, почитувана македонска јавност,

Оваа ситуација е тест за нашите институции, за нашето општество, но е тест и за нас како личности.

Ајде заедно, одговорно, сплотено како што сме биле многу пати досега да работиме во надминување на последиците од оваа криза. Само така не личи, само така ќе ја победиме и оваа закана.

Многу пати досега сме покажале дека можеме да се соочиме успешно со предизвиците, ќе успееме и сега.

СДСМ, јас како претседател, заедно со економскиот тим на СДСМ, го ставаме на располагање овој пакет економски мерки до Владата на Северна Македонија, со цел да се спречи и помогне веднаш на македонската економија, да се спречи губење работни места, да се спречи затворање на фирмите, да спречи сиромаштија и социјална криза. Заедно можеме и ЌЕ се справиме со овој вонреден проблем со кој се соочуваме. Заедно, солидарно, ќе си помогнеме едни на други, а државата ќе биде главен и најодговорен столб на кој ќе може да се потпрат сите погодени граѓани и компании од кризата.

Чувајте се, ќе се крепиме и ќе успееме!

Само здравје да има! Економијата ќе успее!

Треба да знаете
Последни објави