Search

Заев: Не е утврдено референдумското прашање

Не се знае референдумското прашање. Со политичките чинители и со граѓанскиот сектор ќе утврдиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но во секој случај резултатот ќе биде задолжителен, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за време на работната посета на Прилеп.

– За ова прашање немаме разговарано. Веројатно, чекаме да завршат интеграциите, односно 11 и 12 јули кога се нашите очекувања за поканата во НАТО алијансата. Веднаш потоа државата ќе ја отвори дебатата, ќе го утврдиме веројатно и терминот за одржување на референдумот, референдумското прашање и стилот на самиот референдум, рече Заев.

Најверојатно, како што додаде, ќе останат роковите, крајот на септември и почетокот на октомври за референдумот и во тоа ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во Парламентот.

– Заедно со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор ќе одлучиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во Парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите кои следуваат, рече Заев.

Премиерот нагласи дека во прашањето ќе бидат договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО.

– Во гласањето, сите опции се отворени, и се зависи како политичките чинители во државата ќе се усогласиме за граѓаните да добијат фер шанса и да се изјаснат онака како што мислат дека е најдобро за нивната иднина. Ги повикувам граѓаните да гласаат за македонската иднина, изјави премиерот Заев.

Треба да знаете
Последни објави