Search

Заев: На 15 јули ќе ја потврдиме разликата

На 15 јули ќе ја потврдиме разликата. Од една страна е членството во НАТО, а од друга страна  е белата барокна палата. Од една страна се Брисел и преговорите со ЕУ, а од друга страна се Хунзите, Белизе и Субрата Рој. СДСМ нуди кадри кои земјата ја однесоа на прав пат, а ВМРО-ДПМНЕ ги нуди луѓето на Груевски. СДСМ носи сојузници, а ВМРО-ДПМНЕ нуди конфликти. Со СДСМ е сигурно, а со ВМРО-ДПМНЕ е опасно. Ова денеска го изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев во паркот Ибни Пајко.

Лидерот на СДСМ потсети дека по цела деценија стагнирање, Северна Македонија е 30-та земја членка на НАТО, а имаме и одлука со која наскоро почнуваме преговори за членство со ЕУ.

– Членството во НАТО значи дека нашите граници се трајно обезбедени. Нашата безбедност е загарантирана. Тоа значи и нови инвестици, нови работни места и повисоки плати за сите. Тоа е пристап на пазар од 4 милијарди евра годишно, пазар за нашите домашни компании. Влеговме во НАТО, можеме и во ЕУ.  Членството во НАТО е влезница за ЕУ. Оваа година целосно заслужено почнуваме преговори со Унијата, рече Заев.

Со новата влада предводена од СДСМ, како што рече, до 2024 година да отвориме 80 отсо од поглавјата за интеграција во ЕУ.  Појасни дека тоа значи отворање нови европски фондови од кои во следните години обезбедуваме 2,5 милијарди евра, односно повеќе пари за справување со корона кризата, за нова македонска економија, за зелена агенда, за капитални инвестиции, за земјоделство, за градинки, за училишта, патишта, канализации, водоводи…

– Во изминатите три години покажавме дека со СДСМ и коалицијата ЕУ и НАТО станаа реалност. Од друга страна, со ВМРО-ДПМНЕ возможна е само обнова на режимот, рече Заев. Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски немаа став за, како што рече, ниту едно прашање важно за државата и граѓаните, бегаа од одговорност и постојано блокираа и кочеа.

Прашан за изјавата на Сашо Дуковски, адвокат на Бојан Јовановски, кој изјави дека по телефон добил закани оти на Јовановски ќе му се случи нешто ако зборува одредни работи во Обвинителството, Заев рече дека должност на секој, така и на адвокатот и на Бојан Јовановски е веднаш да го пријави тоа, да ги приложи доказите и веднаш да почне истрага за да се носи одговорност, доколку има закани. 

Треба да знаете
Последни објави