Search

Заев на средба со пратеници од Албанија: Државите споделуваат европски вредности и се пример за регионот, на којшто му се потребни пријателства и соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од Љупчо Николовски, заменикот на претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, се сретна со пратениците од Парламентот на Република Албанија, Таулант Бала и Васил Стерјовски, првиот пратеник во албанскиот Парламент од партијата Македонска алијанса за европска интеграција и со Нури Белба, градоначалник на Општината Прењас.

На состанокот е констатирано дека искрените, пријателски односи помеѓу премиерите Зоран Заев и Еди Рама се насоката по којашто се развиваат и добрососедските односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, како добар пример и во регионот, дека каде што има политичка волја има и меѓусебно почитување и успешна соработка.

Заеднички е заклучено дека двете држави веруваат во истите, европски вредности.

„Сите заложби за европската иднина на нашите држави се и заложби за европеизација на државите, со цел подобар живот на граѓаните. На регионот му требаат пријателства и соработка и тие се случуваат”, рече премиерот Заев.

На средбата се разменети информации за унапредувањето на проектите во инфраструктурата, граничните олеснувања, земјоделството, како и дека постои простор за проширување на економската соработка како меѓу двете земји, така и во регионот како заеднички пазар, којшто може да биде и попривлечен на Европа и светот.

Исто така е истакната грижата за етничките заедници во државите, како мост и потврда на искреното пријателство меѓу двете држави.

Треба да знаете
Последни објави