Search

Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Лондон

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и владина делегација денеска и утре учествуваат на Самитот ЕУ-Западен Балкан (Берлински процес), што овој пат се одржува во Лондон.

Централните настани на ова издание на Самитот ЕУ-Западен Балкан започнуваат утре со приемот на премиерката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Тереза Меј за шефовите на делегациите на земјите членки на Берлинскиот процес, и на земјите членки на ЕУ присутни на самитот, како и за претставниците на Европската Комисија.

Премиерот Заев во текот на првиот работен ден ќе присуствува и на работниот ручек за шефовите на делегациите и на директорите на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на претставниците на Регионалниот совет за соработка на земјите од Западен Балкан, како и на претставниците на Регионалната канцеларија за соработка меѓу младите.

Темата на работната сесија на ручекот, под раковдство на премиерката Тереза Меј е економијата и регионалната соработка, со воведно излагање на еврокомесарот за соседска политика и за проширување на ЕУ, Јоханес Хан.

Заев е поканет да се обрати на панелот на тема „Надворешна политика, билатерални прашања и наследство од минатото“, со кој ќе претседава британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон.

Премиерот Заев ќе учествува и во работата на пленарната сесија водена од британската премиерка Тереза Меј, на која ќе бидат презентирани плановите за Самитот во Варшава во 2019 година.На оваа пленарна сесија пред присутните ќе се обратат полскиот премиер Матеуш Моравјецки, како и Канцеларката на СР Германија Ангела Меркел и еврокомесарот Јоханес Хан, кои ќе говорат на темата „Иднината на Берлинскиот процес“.

За време на самитот планирана е и средба со Високата претставничка за безбедност и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини.

Официјалната програма на Самитот завршува со прием за сите делегации во палатата Сејнт Џејмс, кој ќе го приреди принцот Чарлс.

На маргините на Самитот премиерот Заев ќе оствари средба со директорот на Службата за национална безбедност, Роберт Чатертон Диксон, како и со членови на Охрид групата, во чија организација е и работниот појадок со 16 политичари, воени претставници и новинари од Обединетото Кралство.

Од Лондон, Заев, со специјален лет заминува за Брисел каде што ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на НАТО.

Треба да знаете
Последни објави