Search

Заев: Оптичката мрежа на МЕПСО ќе овозможи интернет соодветен на стандардите на ЕУ

Премиерот, Зоран Заев, заедно со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска беа во работна посета на ТС Струмица 1 каде што се поставуваше заштитно јаже со оптика на далекувод од преносната мрежа на МЕПСО, како дел од новите инвестициски програми на МЕПСО.

Притоа Заев подвлече дека овој инвестициски зафат на МЕПСО, е во целосна согласност со политиките на Владата да се обезбедат сите неопходни стандарди за членство во ЕУ уште додека траат преговорите.

„Дел од тие политики е и остварувањето на стратегијата за дигитализација. Во таа насока, со монтажата на оптичка мрежа во системот далекуводи на МЕПСO, нашата земја го фаќа чекорот со проекциите на ЕУ и создава услови во наредните три години секој наш граѓанин да има пристап до интернет со брзина од најмалку 30 мегабајти во секунда брз широко појасен интернет, и најмалку 50% од домаќинствата да имаат претплатнички договор за пристап до најмалку 100 мегабајти во секунда супер брз или ултра супер брз бродбенд интернет пристап“, изјави премиерот.

Заев дополни дека ваквиот инвестициски зафат е исчекор во амбициите да фатиме приклучок со европските стандарди.

„Една таква функционална оптичката мрежа за брз и супер брз пренос на податоци, како јавно добро на државата, ќе обезбеди широк спектар на придобивки за граѓаните, но и за бизнис заедницата во Република Македонија. Треба да се има предвид дека искуствата потврдуваат со зголемување на индексот на дигитализација на секоја земја за 10%, се подига растот на БДП за 1%. Упатувам честитки за иницијативата на МЕПСО, и посакувам успешно заокружување на целиот процес“, соопшти премиерот.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски зборуваше за централните политики за дигитализација на земјата.

„Во тој контекст го формиравме и ИКТ советот. МИОА го заврши мапирањето на бели зони, за да имаме јасна слика каде државата треба да се инвестира. Целта е сите граѓани независно каде живеат е да имаат пристап до брз интернет. МЕПСО е наш партнер во тој процес. Како што и денеска ни беше презентирано, од 24 оптички влакна само 4 се за потребите на МЕПСО. Тоа ќе се одлучи во Националниот оперативен бродбенд план за широкопојасен интернет што треба да биде презентиран до крај на годината. Ова што го правиме заедно со МЕПСО е предуслов и за воведување на трет мобилен оператор. Оваа мрежа е основата и за понатамошни инвестиции во ИКТ сферата“, изјави Манчевски.

Во Стумица, премиерот Заев и министерот Манчевски беа придружени од директорот на МЕПСО, Сашо Василевски и градоначалникот на општината, Коста Јаневски.

Треба да знаете
Последни објави