Search

Заев му понудил на Мицкоски 3 министри во Владата за да повика гласање за референдумот

Заев му понудил на Мицкоски 3 министри во Владата за да повика на гласање за референдумот

Заев му понудил на Мицкоски широка владина коалиција и амнестија на случаите поврзани со СЈО во замена за поддршката на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот и Договорот со Грција, неофицијално брифираат извори во опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Ваквата понуда премиерот Заев на Мицкоски му ја дал на последната лидерска средба во четвртокот во Клубот на пратениците.

Според неофицијалните информации кои доаѓаат од опозицискиот табор, Заев понудил 3 министерски места во важни ресори по избор на опозицијата. Во замена, Мицкоски требал јавно да го повика членството да го поддржи Договорот со Грција.
Според истите извори, Премиерот понудил и амнестија за случаите поврзани со СЈО барајќи од Мицкоски јавно да го повика членството на опозицијата да гласа позитивно на референдумот.
Изворите од опозицијата велат дека Мицкоски ги одбил и двете понуди повикувајќи се на партиските принципи и позиции.

Од ВМРО-ДПМНЕ официјално не сакаат ниту да ја потврдат ниту демантираат оваа информација.

„Ниту би потврдил ниту би негирал вакви констатации и не би изнесувал детали додека не заврши лидерската средба како што е предвидено.“ – изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски одговарајќи на новинарско прашање и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ остануваат на своите претходно искажани ставови во однос на подобрувањето на процесите и законите во државата

Од СДСМ се уште нема официјален став за овие информации. Од партијата во последното писмено соопштение испратено утрово и порачаа на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека има обврска да учествува на референдумот.

„Затоа, од врвен интерес е сите политички партии и сите граѓански и политички субјекти да застанат зад референдумот и референдумското прашање како врвен демократски инструмент за изразување на волјата на граѓаните. Сите партии, а особено ВМРО-ДПМНЕ, кои со години се залагаа за членство во ЕУ, НАТО и за референдумско изјаснување за договорот за името имаат обврска да ги повикаат граѓаните да се изјаснат за стратешките интереси на државата и потоа обврзувачки да го испочитуваат гласот на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту мандат ниту право да отстапува од референдумот и од членството на Македонија во НАТО и ЕУ.

Македонците и сите граѓани на Македонија имаат историска шанса за напредок, директна можност да бидеме рамо до рамо со големите сили, и тоа како Македонци и со нашиот македонски јазик и идентитет, загарантирани и потврдени со конкретни членови во договорот од Преспа. Затоа, Македонците и граѓаните на Македонија ќе одлучат дека со нашиот македонски идентитет ќе станеме членка на НАТО и ЕУ и ќе го реализираме договорот со Грција.“ – се вели во писменото соопштение на СДСМ.

Последната лидерска средба меѓу Заев и Мицкоски се одржа во четвртокот. Веднаш по неа, пратеникот Артан Груби ја закажа собраниската комисија за европски прашања преку која минуваат измените на изборниот законик откако мнозинството реши, како и во неколку случаи претходно да ги „протне“ под европско знаменце што наиде на револт во опозицијата.
Новата лидерска средба се уште не е закажана но според најавите на лидерите треба да се одржи утре попладне или во понеделник наутро.

 

 

извор: пресс24

Треба да знаете
Последни објави