Search

Заев и Ципрас се договорија за името – што е следно?

До крајот на 2018, предвидено е да завршат сите дипломатски активности од македонска страна, но и ратификацијата на договорот од Собранието кај нас и Парламентот во Грција. Но претходно, потребно е да се направат конкретни чекори и обврски.

Според медиумите во Грција, но и според грчки владини извори, додека да стигне договорот пред пратениците во Грција, предвидени се следните чекори:

15 јуни – Расправа во грчкиот Парламент

Од опозициската Нова демократија побараа, а тоа го пот, пред двете земји да го потпишат договорот, да се одржи расправа за договорот во грчкиот Парламент. Оваа расправа, неофицијално ќе се одржи в петок.

16 јуни – Потпишување на договорот

Официјално не е соопштен датумот кога би се потпишал договорот меѓу двете земји, меѓутоа во грчките медиуми и во новинарските кругови во Грција, се повеќе се споменува дека Зоран Заев и Алексис Ципрас во сабота ќе заминат за Преспа (на грчка територија), а договорот ќе го потпишат шефовите на двете дипломатии Никола Димитров и Никос Коѕијас.

Во текот на јуни – Ратификација на договорот во македонското Собрание

Потпишаниот договор ќе треба да добие зелено светло од македонското Собрание, а медиумите во Грција коментираат дека е веројатно претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише договорот и да го забави процесот

По ратификацијата допис од Грција до НАТО и ЕУ

Според медиумите во Грција, официјална Атина ќе испрати допис до НАТО и ЕУ во кој ќе пишува дека ја поттикнува интеграцијата на „Северна Македонија“ во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ, но под услов да се заврши со уставната ревизија. Интеграцијата во НАТО и отворање на поглавјата со ЕУ, според грчки владини извори, ќе биде откако ќе се заврши со уставната ревизија.

25-26 јуни – Совет на министрите за надворешни работи на ЕУ

Позитивна порака од ЕУ, од Советот на министрите за надворешни работи на унијата.

11 јули – НАТО Самит

На НАТО Самитот на 11 јули, „Северна Македонија“ ќе добие покана но под услов да се направи уставна ревизија.

Септември – октомври референдум

Одржување референдум кај нас, а исходот да биде позитивен. Во спротивно дел од медиумите во Грција споменуваат можност за распишување парламентарни избори со референдумски карактер. Премиерот Зоран Заев неодамна изјави дека референдумот ќе се одржи септември или почетокот на октомври.

Уставна ревизија

По референдумот, со претпоставка дека ќе има позитивен исход, според грчките медиуми ќе следи уставна ревизија и допис од премиерот Заев до земјите што ја имаат признаено Македонија под уставното име дека новото име е „Северна Македонија“

Ратификација во грчкиот парламент

Откако ќе се завршат сите претходни чекори и обврски договорот ќе се ратификува во грчкиот Парламент, а „Северна Македонија“ ќе стане членка на НАТО.

Треба да знаете
Последни објави