Search

Заев испорача ветувања за економијата, бара работа од сите и рационализација на институциите

Нови 100 илјади работни места, 600 милиони евра поддршка за бизнисот, просечна плата од 600 евра, минимална од 300 евра, пад на невработеноста на 17,1 процент, најави денеска лидерот на владејачката СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев.

Според него, основа за новите цели се економските политики и мерки во изминатиот скратен 2,5 годишен мандат, по којшто, како што истакнува, ќе треба работа од сите дома, по фокусот на договорите со соседите и активностите за НАТО и ЕУ. Покажале, како што вели, дека има пари за се во државата, а во наредниот период верува дека ќе има консензус и за рационализација на институциите и департизација на администрацијата. Оптимизам му влеваат и преговорите со ЕУ и износот од две милијарди евра што се на располагање со новиот седумгодишен буџет на Европската унија, но нивното користење, порача, ќе зависи од тоа колку сме вредни дома.

Заев потенцираше дека со 300 милиони евра ќе продолжи поддршка од државата за домашни и странски инвестици и уште 300 милиони европски средства за развој на домашната економија.

Со ова, како што рече, невработеноста која сега изнесува 17,1 отсто ќе ја намалат под осум проценти, односно под 20 проценти кај младите, која во моментот е 35 проценти.

Во новиот мандат, истакна, растот на платите продолжува и ќе биде и побрз и посилен. Просечната плата ќе биде 600 евра, а минималната 300 евра.

– Вложувањето во човечкиот капитал е вистинскиот исправен прав пат, затоа платите на вработените во образованието и здравството ќе пораснат за 20 отсто, продолжува и субвенционирањето на придонесите на сите компании кои ќе зголемат платите од 600 до 6 000 денари, ќе ги унапредиме условите за работа во ИТ индустријата каде персоналниот данок во 2023 година го намалуваме на нула проценти, а ќе развијат и цел модел на номади и слични меѓународно признати механизми за развој на оваа индустриска гранка, рече Заев.

Покрај младинскиот додаток на платата од 3.000 денари, ветува, ќе се инвестира уште повеќе во младите и намалување на младинската невработеност. Развиваме стратегии преку грантови од 5.000 до 15.000 евра за млади и за жени за отворање свој бизнис каде државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех на обидот за отворање сопствен бизнис. Обезбедуваме поврат на персоналниот данок за сите нововработени до 29 години во првите две години, парите ќе одат директно на сметката на малдите, истакна Заев.

Според него, Владата за 2,9 месеци преку одговорни и успешни економски политики ја извадила државата од финансискиот колапс, а во време кога се решавале клучни прашања ја поставиле економијата на стабилни и здрави основи.

– Следуваат четири години мандат за најголем скок на нашата економија, рекордно намалување на невработеноста и рекорден раст на платите. Уште повеќе ги поддржуваме домашните фирми а со членството во НАТО носиме рекорден број странски инвестиции, наведе Заев.

Убедени см, потенцираше, дека граѓаните ќе застанат зад нас и заедно ќе продожиме на вистинскиот пат  кон економски раст и развој и силна економија. Со ваквиот развој на економијата гарантираме нови 100 илјади работни места и многу повисоки плати, рече Заев.

Граѓаните, како што истакна, очекуваат реални и сериозни политики, а не мегаломанство и ветувања.  Она што го очекуваат граѓаните, е, пред се, работа дома.

– Грција, Бугарија, ЕУ, НАТО заврши, дома треба да работиме сите. Во еден таков мандат од четири години верувам дека државата која со консензус носи Изборен законик ќе ги рационализира и самите институции. Немаме потреба од 34 клиники со 34 управни и надзорни одбории, од Фонд за иновации и технолошки арзвој, па и агенција за странски инвестици па и друга агенција за инвестиции. Мора да ги рационализираме, ние сме мала земја, колку повеќе ефикасно се поставиме толку ќе биде подобро. Јас сум за да ги намалиме бројот на пратеници и на министерски места. Еден дел од ваквите политики ќе ги презентираме во претстојниот период, како наши залагања, но не е чесно да кажеме дека тоа сами ќе го направиме затоа што Изборниот законик од самостојноста досега се носи со консензус и треба да го насочиме општеството кон таков вид одговорност, истакна Заев.

Верува дека СДСМ со коалициските партнери ќе изнајдат политика на севкупна департизација на јавната администрација и нејзина професионализација.

– Верувам дека и европските поглавја и европското преговарање ќе ни помогне многу оти ќе биде мотивирано со многу пари. Очекувањата се дека во седумгодишниот нов буџет на ЕУ ќе бидат обезбедени 14 милијарди евра за западен Балкан, каде нас не следуваат две милијарди евра. Тие пари ќе ги гледаме како практичната реалзиација на поглавјата да биде успешна,  не само законите донесени,  туку да има ефект од нив. Како ќе се реализираат така ќе ги користиме парите, ако нема ефект од тие пари нема да видиме ништо. Така што, во многу работи државата ќе ни се престрои за севкупна внатрешна трансформација а верувам дека и сите ќе се промениме да бидеме попродуктивни и одговорни, рече Заев.

Треба да знаете
Последни објави