Search

Заев: Имаме стратешки документ за јакнењето на принципите на одржлив развој и изградба на едно просперитетно и инклузивно општество 

Како дел од активностите по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа и постојаната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, како и со високите претставници на агенциите на ОН во нашата земја, учествуваше во засадувањето 75 млади садници дрвја во околината на Велешкото Езеро – „Младост”, што беше зафатена од пожар пред повеќе од една година.

Акцијата е организирана како симболична заложба за позелена, подобра и одржлива иднина на сите луѓе во Северна Македонија, како еден од националните предизвици и приоритети вклучени во новата Рамка за соработка за одржлив развој 2021 – 2025,  за соработка меѓу нашата земја и ОН што денеска ја потпишаа постојана координаторка на Обединетите нации Росана Дуџак и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

„Рамката е наш стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата во наредните пет години, како и со сите засегнати страни вклучени во процесите. Во оваа пригода сакам да истакнам дека нашата држава останува посветена на спроведувањето на препораките на оваа меѓународна организација, како и на глобалните милениумски цели за одржлив развој”, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите од настанот.

Премиерот Заев во изјавата потенцираше дека нашата држава во соработка со ОН и натаму ќе работи во насока на јакнењето на принципите на одржлив развој и изградба на едно просперитетно и инклузивно општество.

„Во сите овие глобални превирања, Обединетите нации низ принципот на дијалог и почитување работеа во насока на превенирањето и решавањето на отворените конфликти. Низ начелата на соработка и солидарност оваа организација покрена клучни иницијативи за надминување на горечки светски проблеми каква што е пандемијата на КОВИД-19. Таа ја имаа централната улога во справување со оваа најголема закана за човештвото по Втората светска војна, дејствувајќи преку Светската здравствена организација. Ги координира научно-истражувачките работи, меѓународните активности за заштитата, развојот на тестови, лекови и вакцини”, нагласи претседателот на Владата Зоран Заев.

Рамката за соработка е главен стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата, во наредните пет години. Развиена е во блиска соработка со Владата, по опсежен консултативен процес со организации и индивидуалци од разни сфери на делување и интерес.

„Новата Рамка за соработка е повеќе од заложба. Тоа е обврска што ја преземавме и претставува јасна определба да се работи кон подобрување на животот и иднината на сите луѓе во оваа прекрасна земја, а при тоа никој да не заостане”, истакна во својата изјава постојаната координаторка на Обединетите нации Росана Дуџак, на настанот по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.

Треба да знаете
Последни објави