Search

Заев: Економската соработка со Германија ќе расте како резултат на политичката стабилност

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заедно со заменик претседателот на владата задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев,  одржаа и директни средби со претставници на германските компании за време на посетата на Берлин, на покана на Стопанската комора на СР Германија за источна Европа. Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев дадоа кратки изјави за остварените средби и за разговорите на годинешниот прием на комората коишто беа во насока на економски остварувања на Република Северна Македонија.

„Сојузна Република Германија е стратешки економски партнер на Република Северна Македонија. Во земјата успешно функционираат околу 200 компании со германски капитал, коишто  вработуваат близу 20 илјади лица. Имаме нов рекорд во трговската размена што изнесува над 4 милијарди долари, минатата година, со реални изгледи трговската размена да продолжи да расте. Најдобрите препораки за инвестирање во нашата земја доаѓаат од компаниите што веќе работат во Северна Македонија.  Дури 78% од германските инвеститори кои работат во нашата земја покажуваат подготвеност повторно да инвестираат, 48% од компаниите ќе го зголемат својот промет во 2019 година, додека само 15% од нив очекуваат прометот да биде намален, 41% од германските компании очекуваат зголемување на извозот, наспроти 7% кои очекуваат намалување, додека 37% од анкетираните компании имаат во план зголемување на бројот на вработени. Тоа се бројки и показатели кои доволно атрактивно им зборуваат на германските компании да се охрабрат и да покажат интерес. Од наша страна, им пренесовме дека Владата на Северна Македонија натаму останува на нашата определба за раст на поддршката за домашните и странските инвестиции, со буџет повисок за 37% во однос на ребалансот за 2018-та година.  Тоа се 37 отсто повеќе пари за: зголемување на конкурентноста на приватниот сектор – преку мерки за нови инвестициони вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, за поддршка за создавање на нови вработувања, за поддршка на малите и средните претпријатија, за странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони и секако за субвенции за иновативната дејност, технолошки развој и истражување“, рече премиерот Заев.

Вицепремиерот Анѓушев рече дека дводневната посета на настанот во организација на Стопанската комора на СР Германија резултираше со исполнување на две цели, едната е запознавање на повеќе од 150 германските компании со можностите за инвестиции во нашата земја, другата цел е можноста македонските компании да извезуваат во СР Германија и да соработуваат со германските компании.

„Се надевам дека follow up од овие наши средби во Германија ќе биде сериозен и дека во редот на веќе постојните германски компании кои што работат, функционираат и соработуваат со нашата држава ќе имаме и нови. Мислам дека таквите резултати ќе ги видиме многу скоро и ќе придонесат кон зголемување на економската соработка на нашата држава и Германија која и сега е најголема и изнесува рекордни над 4.3 милијарди долари. Таа соработка ќе се зголемува имајќи ги предвид позитивните информации кои доаѓаат и како политичка стабилност во нашиот регион и нашата земја, но и како економски можности коишто се потрудивме како Влада да ги овозможиме и максимизираме“ рече вицепремиерот Анѓушев.

Треба да знаете
Последни објави