Search

Заев: Една од мисиите на Стратегијата секако е да ја негуваме визијата за нашата земја како граѓанска држава

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска учествуваше во работата на Отворениот ден за иницијативи на граѓанските организации „Консултација за изработката на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија“, кој се одржа во Владата на РМ.

Во продолжение на ова соопштение, обраќањето на премиерот Заев на настанот, ви го пренесуваме во целост:

„Со настанот на кој денеска учествуваме сите ние „Отворен ден за Консултација за изработка на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија“ правиме уште еден заеднички чекор на најдобар можен начин да ја промовираме и практикуваме нашата стратешка определба за изградба на концептот „Едно општество за сите“, по углед на големата европска идеја – Обединети во различностите.

Нашата определба да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина.

Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство. За наша видлива предност.

Креирањето на Националната стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализам е дел од еднакво важните останати приоритети на Владата. Но тоа не е – најважно.

Многу поважно е таа Стратегија да ја направиме жив инструмент за превенција од доминација на  етноцентрична култура. Изолирана, самодоволна и само задоволна меѓу четирите ѕида на сопствената етничка припадност.

Тоа не е моделот кон кој се стреми нашата земја. Моделот на Република Македонија започнува со почитувањето на сите заедници.

Тој модел повикува да градиме држава во која различните заедници ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.

Нашата намера е да ги паметиме, но никогаш да не им дозволиме да се вратат на сцена политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“. Нека останат само во сеќавањата, за никогаш да не се повторат. Да не заборавиме дека нетрпеливоста кон разните општествени малцински или маргинализирани групи, како кон припадниците на ЛГБТ популацијата или кон верските определби на нашите граѓани, предизвика дури и изблици на групно и поединечно насилство кон нив од екстремни групи и поединци.

Толеранцијата е најважниот услов за демократски односи меѓу различните социјални и општествени групи. Во концептот „Едно општество за сите“ толеранцијата и солидарноста се нашата заедничка вредност.

Тоа е добра, одлична појдовна точка за да им се стави крај на нетрпеливоста, омраза, на тепачките по училиштата, на улиците или стадионите.

Дозволете ми да изразам едно многу лично чувство: Мене лично, како на Зоран Заев, едноставно ми е несфатливо како во нашата заедница ни се протнаа злосторствата од омраза.

Таквите појави не ѝ доликуваат на нашата земја, на едно демократско општество, и треба да направиме сè тие инциденти да бидат изложени на јавност и осудени. И во меѓувреме, да направиме се што можеме, да ја запреме омразата. Да застанеме на патот на оние кои сеат омраза и да не влегуваме во тој ланец на злото. Наместо тоа, да се слушаме. Зашто само ако се слушнеме ќе успееме да се разбереме.

Преминувањето преку разликите значи подготвеност да се чуе и разбере туѓото мислење.

И кога тоа е рационално, да се прифати различното мислење како еднакво па дури и како повеќе вредно од сопственото. Граѓани, заедници и политичари кои меѓусебно си ги разбрале разликите, си ги прифатиле меѓусебно и ги оставиле на страна за да се посветат на заедничките цели, можат да бидат носители на заедничкото Едно општество за сите – јас знам дека токму тоа сте вие, но верувам дека тоа може да биде секој човек, секој граѓанин кој верува во европската идеја и во европската шанса за Македонија.

Процесот на консултација за изработката на Националната стратегија за едно општество го најавува духот во кој ќе се исцрта стратегијата. Низ максимално отворена и широко инклузивна постапка упатуваме покана за учество на претставници на граѓанското општество и на сите останати кои сметаат дека можат да го дадат својот драгоцен придонес во седумте тематски кластери  за подготовка на стратегијата: правната рамка, во образованието, во културата, во медиумите, во локалната самоуправа, во младинските политики и во сферата на општествената кохезија и интеграција.

Една од мисиите на Стратегијата секако е да ја негуваме визијата за нашата земја како граѓанска држава на Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и на сите други заедници. Секој од нас индивидуално и секој од нас како дел од заедницата на која ѝ припаѓаме, да учествуваме во градењето на мултикултурно општество, да ја поттикнуваме интеркултурната комуникација и да го негуваме духот на почитување на различноста и културниот плурализам.

Кога зборуваме за „Едно општество за сите“, зборуваме и за намалување на социјалните и економските разлики помеѓу заедниците преку проекти кои создаваат еднакви услови за сите.

Зборуваме за крај на поделбите помеѓу различните општествени социјални групи и за внатрешна стабилност на земјата и добри односи помеѓу заедниците.

Ако Република Македонија докажа дека имаме политичка и општествена волја за решавање спорови, тогаш можеме да покажеме дека умееме да бидеме модел и за успешно и функционално општество еднакво за сите.

Тој модел е урнек на нашата заедничка иднина и започнува со почитувањето на сите заедници во која различните култури ќе се почитуваат, ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат.

Благодарам и на сите ви посакувам успешна работа и соработка на подготовката на Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам во Република Македонија.“

Треба да знаете
Последни објави