Search

Заев: Двотретинско мнозинство или предвремени избори во ноември

Заев: Двотретинско мнозинство или предвремени избори во ноември

Ако во наредниот период не успееме да обезбедиме двотретинско мнозинство од пратениците во Собранието, треба што е можно побрзо да пристапиме кон распишување на предвремени парламентарни избори, можеби веќе во ноември, за да ги фатиме роковите за одлука и на грчкиот Парламент, одговори вечерва премиерот Зоран Заев во штабот на коалицијата Заедно за европска Македонија.

Заев вели дека изборите не се најпосакувана опција, но тие можеби ќе бидат неопходна опција.

„Подобар договор со Грција не може, ниту пак ќе може да се направи. Нема алтернатива на интеграцијата во ЕУ и НАТО. Остануваат неколку дена со пратениците во парламентот да видиме дали ќе обезбедиме двотретинско мнозинство. Ако тоа го нема, тогаш да одиме на избори. Има доволно време да се дојде до избори, веќе во ноември за да ги запазиме сите рокови од договорот со Грција“, рече Заев.

Лидерот на СДСМ смета дека доаѓа златно време за Македонија, економски развој, позитивна клима, која треба да се искористи.

„Затоа сериозно упатувам порака да ги ставиме интересите на граѓаните пред сѐ, пред партиските интереси. Имаме видливо мнозинство, огромно мнозинство од 600 илјади граѓани. Таква бројка немало на ниту едни парламентарни избори, досега вака јасно изразена волја не постоела. Ова беше успешен референдум, имаме мнозинство од повеќе од 90 отсто граѓани што се за членството на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Заев.

Прашан дали ќе го реализира ветувањето дека ќе поднесе оставка ако референдумот не успее, Заев рече дека нема намера да поднесе оставка, туку има обврска да продолжи затоа што граѓаните со огромно мнозинство гласале „за“ на референдумот.

За понатамошните чекори Заев рече дека во наредните денови ќе направи сѐ за да се сретне со лидерот на опозицијата, со пратениците, со лидерите на другите политички партии во обид да се добие двотретинско мнозинство во Собранието.

„Сериозно треба да ја следиме јасната и недвосмислена волја на граѓаните. Крајот на ноември е можеби примамлив датум за предвремени избори за да има време и грчкиот парламент да донесе одлука. Избори треба да има само ако тоа е неопходно“, рече Заев.

https://www.facebook.com/24info.mk/videos/251048882419903/

 

Треба да знаете
Последни објави