Search

Заев: Грција ќе помогне да добиеме датум за преговори со ЕУ

Грција ќе помогне да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, а спроведувањето на Преспанскиот договор ќе оди според предвидената динамика, изјави премиерот  Зоран Заев по средбата во Солун со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

– Имплементацијата на Преспанскиот договор треба да оди со позитивната и предвидена динамика и ние работиме на двете страни буквално по ова прашање. Фокусот ни беше на Европскиот совет, одлуката која беше на Европскиот совет. Имав прилика од прва рака да добијам информација како се дискутирало, кои се очекувањата. Премиерот на пријателска Република Грција ќе се бори за нашата земја за конечно да го добие датумот за почеток на преговори и јас сум среќен поради тоа, изјави вечерва по средбата премиерот Зоран Заев.

Премиерот, како што рече, ми образложи детално кои се неговите активности, планови, како да ги направи чекорите и да ни биде од помош.

– Зборуваме за граничните премини. Зборуваме дека е добро е што се гради преминот Маркова нога. Зборувавме дека меѓународната експертска група треба да продолжи со разговорите и состанокот за да ги најде решенијата прифатливи секако за двете страни. Верувам дека се наоѓа прифатливо решение за оваа работа, треба да ги продолжат разговорите, веќе комуницираат самите комори кои ќе бидат од голема помош. И знам дека ќе изнајдеме прифатливо решение кое навистина ќе биде за бизнисмените, за производителите, за компаниите, и од Република Северна Македонија и од Република Грција, рече Заев. Додаде дека зборувале да дадат насоки за нивните кабинети да продолжат во тој правец.

Средбата Заев – Мицотакис се одржа во рамки на четвртиот Самит во Солун.

Премиерот Заев претходно се сретна и со поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис.

– Добрите пријатели на нашата земја остануваат посветени на одржување и продлабочување на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Грција. Секоја средба со поранешниот градоначалник на Солун Бутарис носи нешто ново. Ме извести дека идната недела ќе посети неколку градови во нашата земја како дел од програмата за поврзување на градовите од двете земји. Се согласивме дека секоја бизнис-инвестиција е инвестиција во пријателството за подобра заедничка иднина за граѓаните на двете земји”, објави Заев на Фејсбук.

Треба да знаете
Последни објави