Search

Заев: Граѓаните нема да дозволат нов авторитаризам

 Премиерот Зоран Заев во денешното интервју за „ЦИВИЛ МЕДИА” истакнува дека искрено верува во помирувањето и во концептот „едно општество за сите”. За Иванов вели дека е добро што завршува неговиот мандат како претседател. За законите без негов потпис, Заев посочува дека тоа е акт на заштита на парламентарната демократија која беше загрозена од Иванoв, и дека е согласно уставните рамки.

По исполнувањето на Преспанскиот договор од македонска страна, премиерот Заев очекува сите министри и градоначалници да работат повеќе и пофокусирано на исполнување на очекувањата на граѓаните. За него е стара вест дека нема да се кандидира за претседател, наспроти шпекулациите во јавноста.

– Кога јас велам дека Договорот од Преспа е историски, имам предвид неколку аспекти. Освен што стави крај на спор стар три децении меѓу нашите две земји, Договорот ја испраќа во минатото блокадата на нашиот повеќе-генерациски пат кон членство во НАТО и ЕУ. Сметам дека моментот е историски бидејќи тој ја определува границата на нашето транзиционо минато. Од земја која во последните 11-12 години имаше проблеми да докаже дека е демократска земја, општество во кое неодговорното владеење воведе корупција во сите негови сегменти, земја која светот ја нарече заробена држава – во земја која за една година направи скок препознаен од целиот западен свет, реализираше реформи за возобновување на демократијата и за враќање на довербата во институциите, земја која го подготви теренот за економски и инвестициски раст и развој, вели Заев.

Историски, како што додава е и аспектот што ЕУ и НАТО ја препознаа нашата држава како заедница која многу бргу ги реафиримираше европските вредности, и како земја која најодговорно го препозна своето геостратешко место, а со тоа презеде и улога да биде еден од генераторите на стабилност во регионот.

-Ова е точка од која нема враќање назад. Секој обид овие процеси да запрат и да се врати земјата назад, ќе биде неуспешен бидејќи граѓаните нема да дозволат нова неизвесност за својата иднина, граѓаните нема да дозволат нов авторитаризам, притоа имајќи предвид дека се наоѓаме во регион со кревка безбедност, истакнува Заев во интервјуто.

Дециден е дека успехот во политиката е можен само ако се препознаваат вистинските моменти, ако се стои на зацртаните вредности, ако се има храброст, трпеливост и верба и ако опструкциите ве јакнат, наместо да ве колебаат.

На прашањето дали Законот за ратификација на Договорот од Преспа мораше да стапи во сила без потписот на претседателот Иванов, премиерот одговара дека тој дел од формално-правната постапка е во надлежност на Собранието на РМ.

– Но ние, како Влада, сметаме дека нема ништо спорно во постапката законите да бидат објавени во „Службен весник на РМ” без потпис на претседателот Ѓорге Иванов. Постапката е во целосна согласност со Уставот на РМ, во рамките на предвиденото со законите, и уште повеќе, тоа е постапка на одговорност и нужност со која се отстрануваат оптрукциите кои Иванов сакаше да ѝ ги нанесе на нашата парламентарна демократија, вели Заев.

Во контекст на тоа посочува дека пред Уставот и законите сите се еднакви, вклучувајќи го и Претседателот на државата, како што вели и член 51, став 2 од Уставот на РМ.

-Со објавувањето на законите, беше запрена тенденцијата една церемонијална постапка на Претседателот на државата да го блокира функционирањето на системот и тоа со кршење на Уставот со оглед на фактот дека, според заедничкото читање на Член 75 и на Член 52  од Уставот, Претседателот на државата е должен да потпише указ секогаш кога Собранието по втор пат одобрува донесување закон. Претседателот на државата не е законодавно тело, ниту Уставен суд. Тој беше повикан повеќе пати да го почитува Уставот и да постапи согласно законските обврски. Наместо тоа, тој  се постави како пречка за работата на законодавниот дом, и се постави како институција која се заканува да ги блокира сите процеси, истакнува Заев.

За жал, како што вели Заев, претседателот Иванов не само што не го гледа тоа, или не сака да го прифати,  туку со својот настап и речник поттикнува нови делби, поттикнува конфликт во македонското општество.

-Добро е што завршува неговиот мандат, бидејќи на Македонија ѝ треба претседател кој ќе го поддржи патот на државата кон просперитет, нагласува Заев меѓу другото во интервјуто за ЦИВИЛ МЕДИА.

Треба да знаете
Последни објави