Search

Заев го доби дуелот, Мицкоски нема став за договорите со Грција и Бугарија

„Прашањето е многу едноставно и може да се одговори со два збора, што ќе направи Христијан Мицкоски со договорите со Грција и со Бугарија, како тоа ќе ги поништи и како може тоа да им го ветува на гласачите“- беше упорен лидерот на СДСМ, Зоран Заев во настојувањето да извлече одговор од лидерот на опозицијата, но не успеа.

Мицкоски во емисијата ги споменуваше договорите, но никако да каже како ќе ги ревидира или поништи, она на кое сака да извлече гласови од граѓаните. Од една страна Мицкоски знае дека без тие договори Северна Македонија не може европски да просперира, но од друга, пред домашната јавност го минимизира нивното значење. Затоа Заев го потсети дека пред меѓународните, бугарските или грчките авторитети Мицкоски говори со пофални зборови за двата документа, оти знае дека се корисни и неопходни, но пред македонските граѓани го зборува сосема спротивното.

Не е прв пат Мицкоски да нема став во однос на клучни и стратешки прашања, тој постојано го менува мислењето согласно ситуацијата. Истото ова му го укажа и Заев, дека променливите ставови се штетни за државата и за народот.

Но, не само за круцијалните политички прашања, Мицкоски низ телевизискиот дуел покажа слабост и во однос на нелегалните финансиски активности на ВМРО ДПМНЕ, но го премолча и случајот „Рекет“. Заев во неколку наврати го потсетуваше на аудио снимката на која се слуша гласот на Мицкоски како потврдува дека тајни финансиери на партијата се Орце Камчев и Сашо Мијалков, но лидерот на ВМРО ДПМНЕ ниту еднаш не собра храброст да одговори колку пари примил од двајцата и зошто не ги пријавил како легална партиска донација. Со избегнувањето да одговори за парите, Мицкоски потврди дека примил црни пари од Камчев и Мијалков со кои ја финансирал партијата, што во превод значи нелегално финансирање казниво според закон.

Со оглед дека ВМРО ДПМНЕ опстојува со помош на парите на Камчев и Мијалков, Мицкоски како да не смееше да ги спомене нивните имиња, а уште помалку нивните пари. Понатаму, Мицкоски остана и без одговор зошто сега не се пријави самиот во Шутка, како што имаше ветено пред јавноста дека ќе се пријави во притвор ако се утврди негова поврзаност со Зоран Милевски Кичеец. Аудио снимките потврдија дека не само што биле поврзани, туку и тесно соработувале затоа што од содржината на снимката се дознава дека Мицкоски му доверува важни информации на Кичеец, токму за парите на Камчев и Мијалков кои му ги дале за да покрие комунални трошоци, но и да плати за автобуси за партиски митинзи. Заев дури и покажа ревизорски извештаи во кои никаде не се заведени парите, што е потврда дека се нелегални.

Тезата на Заев дека Мицкоски е своевиден координатор на случајот „Рекет“, затоа што имал соработка со главните протагонисти, Камчев и Кичеец, исто така лидерот на ВМРО ДПМНЕ одби да го коментира и да го демантира, па впечатокот е дека признава оти е дел од рекетарската мрежа.

После дуелот јасно стана дека Мицкоски нема одбрана за аргументираните напади на Заев, туку полесно му е да избегне одговор и да заобиколува, со цел да побегне од суштината, но тоа не значи дека може да побегне од одговорноста.

Треба да знаете
Последни објави