Search

Заев: Ги јакнеме капацитетите на општините за сериозно учество во севкупниот економски прогрес и развој

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министри во Владата на  учествуваше на Конференцијата „Децентрализација: Патот што претстои“, во организација на ЗЕЛС и ОБСЕ. На конференцијата се отворија важни теми кои се однесуваат на процесот на децентрализација, начините за подигнување на капацитетноста на општините и идните правци на соработка помеѓу централната и локалната власт.

-Како централна власт преземавме обврска да работиме заедно со општините во решавање на наталожените проблеми на локално ниво и за реализација на развојни проекти за да можат граѓаните да добиваат навремени, ефикасни и квалитетни услуги. Истовремено должни сме, и како централна и како локална власт, да ги подобриме условите за живот на сите граѓани во секој град, село и населено место во Република Македонија.Заеднички именител на општините и централната власт се граѓаните. Постоиме за ним да им служиме. На самиот почеток сакам да кажам дека локалните самоуправи имаат пријателска централна власт којашто сака да биде од помош на јакнењето на капацитетите на локалната самоуправа, рече премиерот.

Тој нагласи дека имаме обврска заедно да работиме за да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани кои ни ја дадоа довербата и честа да креираме политики кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот и на централно и на локално ниво.

-Процесот на децентрализацијата мора да се заокружи на системски начин кој ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни, а од друга страна непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните. Владата за овој краток временски период од 18 месеци ги врати општините и рамномерниот регионален развој високо на својата агенда на приоритети. Во 2019 година за рамномерен регионален развој издвоивме за 100% повеќе пари во однос на 2017, или за над 50 насто повеќе во однос на 2018 година. Од 3,5 милиони евра во 2017 та година, за наредната година за проекти за рамномерен регионален развој во планските региони и во општините, се обезбедени 7 милиони евра. Наша цел е овие средства континуирано да се зголемуваат се до целосната трансформација и целосното насочување за реализација на Законот за рамномерен регионален развој по кој треба да се обезбедат законските 1% од БДП  со зафаќање од капиталните инвестиции кои што би се распределувале според степенот на развиеност во сите плански региони, изјави Заев.

Тој потенцираше дека со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра вкупен им е помогнато на општините да сервисираат 50 отсто од својот долг.

-Целта на ваквиот чекор е да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој беше долги години заробен во наталожени долгови и блокирани сметки. Се работи за еднократна помош, без обврска за враќање во централниот буџет со цел јакнење на капацитети на единиците на локална самоуправа. За да се спречи повторување на ваквата непожелна ситуација се воведе фискално правило со цел да се стават буџетите на општините во една реална рамка на планирање.Уште еднаш само напоменувам, долговите на општините беа повеќе од 6 милијарди денари, ако ги ставиме и локалните јавни претпријатија износот е најмалку двократно поголем. Она што сакам да го најавам на оваа конференција се големи инвестициски вложувања во локалната инфраструктура и тоа во изградба на локални и регионални патишта, градинки и канализацииона и водоводна инфраструктура, како и основни и средни училишта. Работиме на тоа и ќе обезбедиме 70 милиони евра од Светска Банка за изградба и реконструкција на локални патишта и 50 милиони евра од Европската инвестициона банка за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Станува збор за кредитни линии кои ќе станат оперативни уште почетокот на 2019 година, вели Заев.

Во овој процес е важно општините да имаат изработено квалитетни и ревидирани проекти кои ќе ги доставуваат до Министерството за транспорт и врски за да можат да повлекуваат повеќе пари од кредитните линии и да започнат со реализација на проектите.

Во тек е проект на изградба на канализациони и водоводни мрежи од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, од кои остануваат уште меѓу 10 и 12 милиони евра за реализација. Апелирам до општините да ги искористите овие пари. Кредитите не ги враќате вие, Владата, односно државата ќе ги враќа овие кредити и треба да се искористат овие квалитетни средства. Во 2019 година ќе станат оперативни и средствата од ТАВ, тоа се повеќе од 35 милиони евра. Завршуваме со анексот на договорот со ТАВ, ќе ги помине сите правни процедури, очекувањата се дека до 15-ти јануари за да може алокацијата на тие 35 милиони евра на транспарентен начин да бидат распределени за тригодишни проекти на сите општини во Република Македонија, пак за вододовди, канализации, детски градинки, за училишта и за некој од сортските сали во училиштата. Уште еден проблем на кој посочуваат општините е недостатокот од градинки и капацитети за згрижување на децата во претшколска возраст. Тоа е наша реалност.Светската банка ни стави на располагање 30 милиони евра за период од 4 години за унапредување на системот на социјална заштита. Од овие средства 16 милиони евра се само за изградба и реконструкција на детски градинки. Овие пари повторно ќе завршат во општините за децата да ни бидат згрижени.Ако направиме некоја груба математика тоа значи дека повеќе од 230 милиони евра ќе се слеат во општините за подмирување на долговите како и за изградба на локални патишта, канализации и водоводи и градинки, рече премиерот.

Дополнително општините имаат на располагање буџетски средства и средства од ИПА претпристапната помош на Европската Унија за нивен развој и подигнување на капацитетите.

-Зборувам за пречистителните станици. Неколку се пуштија веќе во употреба. Продолжуваме со Битола, со Тетово, со другите општини кадешто завршуваме со физибилити студиит и проектни документации за реализација. Идната година ќе почнеме и со конкретната реализација на депониите во Република Македонија на петте незаокружени со проекти, односно со одредени проектни чекори за реализација на регионалните депонии. Парите за документацијата се обезбедени. Верувам дека ќе ја завршиме работата во неколку месеци за да може да одиме по пат на грантови, по пат на кредити, или по пат на јавно приватни партнерства и концесии. Тоа е исто така сериозно решавање на проблемите на граѓаните и сериозни капитални инвестиции за државата, но и за општините. Уште еднаш апелирам до општините и општинската администрација навреме да започнат со изработка на квалитетни и ревидирани проекти за да можат парите кога ќе станат оперативни да ги искористат во целост, изјави Заев.

.

 

Треба да знаете
Последни објави