Search

Заев: Гасот доаѓа се поблиску до индустријата и до граѓаните

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на МЕР Бајрам Реџепи, и градоначалниците на општините Новаци и Битола, Љубе Кузманоски и Наташа Петровска,  денеска беа на увидот во напредокот на работите на магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола во Општина Новаци.

Во изјавата за медиумите, премиерот Заев потсети дека пред точно 5 месеци, во март, на Плетвар во општина Прилеп, владина делегација беше на увид во напредокот на кракот од магистралниот гасовод Неготино – Прилеп – Битола, на делницата кај превојот Плетвар, кога директорот на МЕР Бајрам Реџепи информираше дека се завршени 36 проценти од градежно машинските работи на овој магистрален гасовод.

„Денеска, заклучно со јули 2019 година се завршени нешто повеќе од 70 проценти од градежните и машинските работи на овој крак. За само 5 месеци се завршени 34 проценти, што претставува исклучителен прогрес. Изградбата која започна во февруари 2017 година треба да заврши до февруари 2020 година, со што практично се исполнува планот за реализација на овој дел од големиот проект за гасификација на Република Северна Македонија“, потенцираше премиерот Заев.

Тој дополни дека на магистралниот гасовод Неготино – Штип се изведуваат завршните работи, а магистралата Скопје – Тетово – Гостивар се очекува да биде завршена до крајот на следната година.

„Гасот доаѓа се поблиску до индустријата и до граѓаните, со што се отвораат можностите да влеземе во фазата за определување оператори на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат преносот и приклучокот на гасот до домаќинствата и до индустриските капацитети по конкурентни цени“, нагласи Претседателот на Владата на РСМ Заев, и додаде дека гасификацијата на земјата ќе донесе намалување на трошоците за енергија и намалени емисии на штетни гасови во воздухот.

 

 

Треба да знаете
Последни објави