Search

Заев во Струмица: Избори се итно потребни заради народот и државата, не заради инает за фиксен датум, правам отстапка за 8 јули само за да учествува и опозицијата

Датумот на избори не е прашање на личен избор или инает, овде станува збор за нашата држава и нашиот народ, за подобро справување на нашата држава со коронакризата, со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот, којашто трае и продолжува во периодот којшто стои пред нас, истакна денеска претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарско прашање.

Тој додаде дека изборите се потребни што поскоро за граѓаните да си ги вратат институциите.

– Ни требаат избори што поскоро не заради датум или партиско его, затоа ние нема да робуваме на датумите. За нас е многу важно да имаме навреме избори за да си ги вратиме институциите, за да институциите му служат на народот со полн капацитет. Но институциите се за сите граѓани и за поддржувачите на власта и опозицијата и за оние кои никого не поддржуваат и затоа е многу важно учеството на опозицијата. Апелирам и повикувам на одговорност на рационалност и конструктивност оваа не е време како порано кога на претходната власт и одговараа избори без опозиција. Не, демократијата во која живееме бара активно учество на опозицијата, затоа јас нема да робувам на 5 јули како датум и да се држам фиксно до него, имајќи предвид дека и Мицкоски и јас повеќепати спомнувавме дека е поприфатливо изборите да се одржат во среда, како неработен ден. Еве отстапувам од 5 јули и се согласувам изборите да бидат на 8 јули, среда, каде во понеделник и вторник ќе гласаат болни и изнемоштени, нашите граѓани во самоизолација или позитивните коишто се во болниците или дома, а ќе се вклучат да гласаат и сите хронично болни, повозрасните луѓе и други. Само заедно да обезбедиме учество на изборите, да учестува опозицијата а сепак тоа да е во разумен рок со цел есента да ја дочекаме со активно Собрание и со политичка влада со полн легитимитет.
порача Заев.

Претседателот Заев го повика и Христијан Мицкоски да покаже одговорност и да го прифати предизвикот за изборно соочување со цел државата што побрзо да добие функционален парламент и влада со политички легитимитет и одговорност.

– Господине Мицкоски, почитувано раководство на ВМРО-ДПМНЕ, еве ја правиме последната отстапка, а ги правиме од крајот на декември досега. Прифатете го овој предизвик да излеземе заедно подобриот нека ја добие честа и одговорноста од нашиот народ и да ги вратиме институциите, да го вратиме парламентот и политичката влада ќе и требаат и на државата и на нашиот народ само така е одговорно и никако поинаку. Јас верувам дека денеска како што имаме отворена комуникација јас и господинот Мицкоски ќе смогнеме сили и еве овој последен апел ќе го прифатиме. Вонредната состојба завршува вечерва на полноќ, ако се прифати 8 јули, ќе го замолам претседателот на владата Спасовски и министрите да се соберат доцна во текот на денов, да свикаат владина седница да поднесат предлог за продолжување на вонредната состојба од 3 дена овој пат заради договор со опозицијата, немаме аргументи реално заради економски причини да бараме вонредна состојба, но три дена ќе дадат правно разрешување за токму на 8 јули да одиме заедно на избори, заклучи претседателот Заев.

Треба да знаете
Последни објави