Search

Заев – Бабиш: Чешка стои зад Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ

Премиерот, Зоран Заев, денеска имаше средба на официјално ниво со чешка владина делегација, предводена од премиерот на Чешката Република, Андреј Бабиш.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, била изразена отворена поддршка за Северна Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Бабиш рече дека Чешката Република ќе направи сè што е можно Република Северна Македонија најбрзо што може да почне преговори со ЕУ и да стане членка.

„Премиерот Бабиш констатираше дека е дојдено клучно време за нашата држава, на 9 дена пред Советот на ЕУ и изрази надеж дека Советот ќе го потврди отворањето преговори со ЕУ. Тој оцени дека нашата држава ги испорачала сите политички услови, потенцирајќи ги тука и добрососедските односи и дека европските политичари сега треба да си го одржат зборот. За премиерот Бабиш, Република Северна Македонија е најдобрата земја кандидатка за ЕУ и дека почетокот на преговори на нашата земја со ЕУ го чека целиот регион, а тоа е важно и за Европа. Премиерот Бабиш, на прес конференцијата најави дека ќе побара од Парламентот во Чешка што поскоро да биде ратификуван и Договорот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, како и дека очекува нашата држава на Самитот во декември на Алијансата, да стане 30.полноправна членка“, соопштија од Владата.

Заев рече дека без скромност, оценката дека нашата земја е блескав пример за целиот регион и за Европа е заслужена.

„Сработивме. Заедно со нашите пријатели, Република Бугарија и Република Грција ги надминавме стереотипите на решавање чувствителни билатерални прашања, тргнувајќи од појдовните точки зошто нешто не може. Внесовме нови, прогресивни, лидерски политики на возможното. Преспанскиот договор денес е повеќе од решение на долгогодишниот спор меѓу две земји. Преспанскиот договор е модел на решение на билатерални односи базирани на дијалог – клучната европска вредност којашто го обезбедува заедништвото, тоа на што е поставена и самата ЕУ.  И затоа, определувањето датум за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со ЕУ, ова лето, не значи само награда за нашата држава, туку и принципиелност на ЕУ. Претстојната одлука на Советот на ЕУ, да додели датум за почеток на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ е потреба, за нашата држава, за Западен Балкан, за ЕУ“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата.

Тој додаде дека „тоа ќе значи почитување на индивидуалните заслуги и мотивација да се продолжи напред кон вредности, а не да се враќаме назад кон национализми и популизми“.

Треба да знаете
Последни објави