Search

Заев: АСНОМ не се брише од Преамбулата, напротив ќе биде спомнат двапати

Во преамбулата на Уставот на Република Македонија, согласно предложените нацрт амандмани АСНОМ нема да се брише, туку ќе биде двапати споменат. Ова го истакна премиерот Зоран Заев образложувајќи ги нацрт уставните амандмани кои произлегоа од Договорот во Преспа.

„АСНОМ не се брише од преамбулата туку  АСНОМ сега ќе се споменува двапати. Со предложениот амандман со делот на АСНОМ се појансува дека се повикуваме на правните прашања што се содржани во прогласот на АСНОМ, а кои се темелот на нашата државност, а не на политичките декларации донесени во тој момент во 1944 година, рече премиерот“.

Наведувајќи ги деветте решенија што се набројани во прогласот, рече дека покрај правните прашања донесен е и Манифест како политичка декларација во која има делови што ги повикуваат Македонците од Бугарија и од Грција да се ослободат од поробените територии. Манифестот, потенцира, останува да биде важен политички документ од нашата историја, но во Преамбулата ќе биде појаснето дека темелите на државноста се лоцирани во правните прашања на АСНОМ, а не на политичките декларации од тој момент во 1944 година, а кои би можеле да се протолкуваат како аспирации на нашите соседи што е спротивно од градење на пријателство и желбата за зголемување на соработката.

Во преамбулата, како што е предвидено, се додаваат и зборовите Охридски рамковен договор со што, истакна премиерот, потврдува неговата историска важност.

Тој појасни дека најважните делови од Охридскиот рамковен договор се веќе инкорпорирани во Уставот и дека врз основа на овој договор е темелно променет, и оти единствено нешто што го нема во Уставот е името Охридски рамковен договор.

Премиерот ги образложи сите предложени четири амандмани.

Оцени дека овој процес Владата го водеше транспарентно во консултативен процес со парламентарното мнозинство, вклучувајќи ја и новата пратеничка група од коалицијата „За подобра Македонија” и со останатите пратеници со кои, како што рече, секогаш е вредно да се разговара за одредени идеи.

Пред членовите на Комисијата за уставни прашања посочи дека иницијативата за измена на Уставот согласно Договорот од Преспа нема ништо спорно и дека предложените нацрт амандмани се во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човековите слободи и права и согласно интересите на РМ  и нејзините перспективи во евроатлантските интеграции.

Тој оцени дека нацрт амандманите заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграциите на Република Македонија во ЕУ и во име на новата политичка реалност на пријателство со Република Грција.

Треба да знаете
Последни објави