Search

Заев: Амандманите од ДУИ се сериозна причина за размислувања во СДСМ

Поднесените неколку илјади амандмани од ВМРО-ДПМНЕ на законите за Академијата на судии и јавни обвинители, за јавнообвинителската служба и за измена на Изборниот законик, испраќаат нечесна и недржавничка порака. Амандманите од владиниот коалициски партнер ДУИ, пак, се сериозна причина за размислувања кои СДСМ ќе ги отвори, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

– Поднесените 970 амандмани на законот за Академијата на судии и јавни обвинители поднесени од опозицијата кажуваат многу. Се менува мал дел од законот со кој се дава можност поголем број граѓани да можат да аплицираат и да се обучуваат за идни судии и обвинители. ВМРО-ДПМНЕ знае дека ќе остане опозиција и го блокира процесот што треба да продуцира кадри што ќе излезат по три години. Тоа не е коректно, да се блокира продуцирање на кадар кој треба да помогне да се подобрат капацитетите на судството и обвинителството, а особено со почетокот на прочистувањето на правосудството. Поднесените околу 1.000 амандмани испраќаат нечесна и недржавничка порака до народот и правосудството, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на стартот за проширувањето на скопскиот булевар „Никола Карев”, познат како „Пластичарска улица”.

Заев упати критики до ВМРО-ДПМНЕ и за поднесените 4.000 амандмани на Законот јавнообвинителската служба. Измените на законот, вели Заев, треба да даде можност ЈО да ги потпишува сметките за струја, вода и одржување, за исплаќање плати на вработените во поранешното СЈО, како и за чување на материјалите.

– Тоа го блокира оној што има интерес од таквата работа. Треба сите да помогнеме на правосудството, и Парламентот и извршната власт, ако сакаме да го јакнеме, и вакви блокади не ни се потребни, истакна Заев.

Во врска со поднесените неколку илјади амандмани на предлог измените на два члена на Изборниот законик за формирање една изборна единица, Заев повтори дека најмногу ќе изгубат големите партии, прво СДСМ, а потоа ВМРО-ДПМНЕ, но ќе добие државата.

– Ќе добијат сите партии, и со етнички предзнак и помалите партии, ќе добие демократијата. Отстрануваме можност за какво било автократско поставување во државата, ќе има засилена демократичност во Парламентот. Ако се гледа и од призма на партиите, тие ќе имаат заштеда, бидејќи не е исто да се финансира кампања за шест изборни единици, шест носители на листи или една изборна единица и еден носител. Поднесените 9.000 амандмани значат блокирање на овој процес и страв дека ќе има оформено мнозинство да се донесе во Собранието новиот изборен модел, истакна Заев.

За поднесените 5.000 амандмани од владиниот коалициски партнер ДУИ, Заев рече дека тоа е сериозна причина за размислувања што ќе ги отвори СДСМ. Прашан дали е можна нова коалиција, Заев само повтори „дека ќе има сериозни размислувања”.

– Кога ВМРО-ДПМНЕ поднесува 9.000, а ДУИ 5.000 (амандмани), и можат да блокираат одреден процес. Тие имаат деловничко право на тоа. Ние ќе продолжиме да се бориме, но не знам колку ќе успееме. Се надевам дека ќе има мнозинство за да ги донесеме тие одлуки. Ако пак мнозинството реши поинаку, ќе биде спречена една изборна единица, но тоа е демократијата и убавината на демократијата. Во духот на демократијата сме различни, ние сме за една изборна единица, а нашиот коалициски партнер е против, и може да остави ВМРО-ДПМНЕ да го блокира. Сепак, 5.000 амандмани праќаат лоша порака. Кој и да е, тоа е премногу, изјави Заев.

Дебатата што се развива, според него, веќе е изборна кампања, но како што вели, тие се должни да ги разгледаат сериозните пораки што се испраќаат.

Треба да знаете
Последни објави