Search

Задолжителна обука за адвокатите кои работат со деца во контакт со законот

Адвокатите кои работат со деца во контакт со законот треба најмалку пет дена во текот на годината да следат специјализирана обука за правда за деца, со што ќе го збогатат своето знаење во заштитата на правата на децата кои извршиле или се осомничени за кривично дело, деца сведоци и деца жртви.

Ова го предвидува Меморандум за соработка што денеска во Владата го потпишаа министерката за правда Рената Десковска, претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, претседателот на Адвокатска комора Љубомир Михајловски и претседателот на невладината организација Сојуз за превентива на престапништво и малолетничка деликвенција, судијата Лазар Нанев.

Соработката, како што посочија потписниците на Меморандумот, ќе придонесе да се зајакне поврзувањето помеѓу сите институции, прибирањето и користењето податоци за деца во контакт со законот.

Според статистиката, како што посочи министерката Десковска, годишно во Македонија околу 1.000 деца доаѓаат во контакт на судскиот систем, односно тоа се деца кои извршиле или се осомничени за кривично дело, деца сведоци и деца жртви.

Овие специјализирани обуки за адвокатите, како што додаде таа, ќе дадат дополнителен придонес во јакнење на институциите за заштита на правата на детето.

Претседателот на Адвокатската комора, Михајловски на потпишувањето на Меморандумот истакна дека постапката за децата се води пред суд со проширена надлежност, каде има посебен судија за деца, кој е надлежен да изрекува соодветни мерки и казни. Ваквото решение, според него, подразбира оганизација на судовите заради исполнување на меѓународните стандарди и специјализација на институциите и кадрите.

Судијата Нанев посочи дека досега вакви специјализирани обуки во Македонија не биле одржани, иако Законот беше донесен пред неколку години.

-Честопати се доведувавме во една непријатна ситуација во овие постапки каде што и според Конвенцијата за правата на децата задолжително  е присуство на бранител во сите фази на постапката, да нема адвокат, рече тој и најави дека во текот на наредната година ќе се организираат специјализирани обуки за сите адвокати во Македонија, кои ќе имаат теоретски и практичен дел.

-Теоретската обукаќе се однесува на Законот за правда на децата, Конвенцијата за правата на децата и упатствата на Обединетите нации, а практичната обука пак ќе биде симулирано судење, односно практичен начин на имплеметирање на процедурите со деца-жртви од насилство, појасни Нанев.

Македонија, според него, има сериозни проблеми во имплементирањето на овие законски решенија, посебно во делот на земање изјава преку аудио-визулелно снимање на децата, која треба да биде ценета како доказ во сите фази на постапката.

По обуките Министерството за правда заедно со Адвокатаска комора ќе состави листа на специјализирани адвокати и ќе ја достави до Центрите за социјална работа, полицијата, јавното обвинителство и судството.

Обуките ќе бидат заеднички спроведени од Сојузот за превентива на престапништво и малолетничка деликвенција и Адвокатската комора, со мониторинг на Министерството за правда и Канцеларијата на УНИЦЕФ, која ќе обезбеди институционална и логистичка поддршка, како и меѓународни експерти кои ќе ги пренесат своите искуства.

Треба да знаете
Последни објави