Search

„Загинатите колеги „тигри“ ни се водилка за уште повеќе да работиме“

„Патот до совршенството е бесконечен, затоа патувањето непрекинато трае” е мотото на Единицата за специјални задачи „Тигар“, која денеска во касараната „Илинден“одбележува 38 години од постоењето на Единицата.

Во 2016 година беше отворена спомен куќата на ЕСЗ, од која 24 Инфо направи репортажа по повод роденденот на „тигрите“.

Спомен куќата е поделена на два дела, историски и реален дел направен во спомен на загинатите колеги. На самиот влез во спомен-собата каде се фотографиите на седумина загинати припадници на Единицата, дел од нивните приватни работи и оружјето ве облеваат емоции…

-Десниот дел не ни е омилен. Овде се споменуваме на нашите колеги кои, за жал, ги дадоа своите животи за време на извршување на задача. Тројца од колегите загинаа во 2001 година, еден во 2008 година и тројца загинаа во 2015 во борбата со терористичката група во кумановско Диво Насеље, за 24Инфо вели соговорникот од ЕСЗ „Тигар“.

Во витрините се изложени нивните беџови, дел од нивната опрема, од нивните лични работи, пиштол кој загинатиот „тигар“ го добил како награда, но по неговата смрт семејството го подарила пиштлот за спомен на Единицата. Во една од витрините има патики на загинат припадник на единицата кои му биле омилени за фудбал, потоа кимоно, ракометна топка, дрес од ракометен клуб.

-Загинатите колеги ни се водилка за уште повеќе да работиме, вели соговорникот.

На средината на собата стои орденот што Единицата го добила за воени заслуги од претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на 27 април 2016 година.

Во витрините се изложени документи, фотографии, оружје, муниција и друга опрема што ги користела ЕСЗ од формирањето па до денес.

Единицата за специјални задачи одигра важна улога во осамостојувањето на Република Македонија. Оваа единица имаше значаен удел во справувањето со повеќе безбедносни предизвици со кои се соочи Република Македонија на патот од осамостојувањето па се до денес, како што е косовската бегалска криза од 1999 до 2000 година, конфликтот во Македонија во 2001 година, неутрализирањето на криминално-терористичките групи во Брест во 2003 година, Бродец во 2007 година, Радуша во 2010 година и кумановската населба Диво Насеље во 2015 година.

-Немавме катче каде можевме да го одбележиме постењето на нашата единица и одлучивме да го направиме и да се сеќаваме на колегите што поминале од тука, што ја изградиле единицата. Секој припадник оставил парче во оваа единица и е дел од мозаикот, дел од тоа што сме денеска, тоа што е единицата, но и да ги паметиме колегите кои не се меѓу нас и да им дадеме почит, вели соговорникот.

На самиот влез од левата страна се документи од првиот ден на формирањето на единицата од 1981 година. Во изложените документи го има и предлог документот  за формирање на единицата.

-Предлогот бил изготвен на оваа стара машина за пишување изложена во витрината. Тогаш било Станица за милиција за извршување на специјални задачи- СМ за ИСЗ. Од 1981 до 1991 година била првата систематизација. Овде ги има одлуките на тогашниот секретар, а има и дел од опремата што тогаш ја поседувале, вели припадникот на ЕСЗ.

На ѕидот има слика со првиот строј на Единицата. Базата на тогашните специјалци била во Центарот за обука во Идризово. Во витрините е изложено оружје од југословенско производство, пиштол „тетеец“, автоматска пушка, пиштол 7,65 калибар, како и стар тејзер кој се користел за електрични шокови. Изложени се различни типови на муниција, шок бомби, чадни бомби. Изложена е и дел од опремата што ја имала Единицата пред повеќе од 30 години, како панцир, шлем, униформа, титовка со звезда.

-Формирањето на единицата било после Минхенскиот масакр кој се случил во септември 1972 во Минхен, за време на одржувањето на Летните олимписки игри. Веднаш по маскрот, Државниот секретеријат на Југославија дал наредба да се формираат на ниво на републики специјални единици преку станиците на полицијата од кои една во Скопје. Така започнало да се формира првото одделение и на 13 март бил првиот работен ден и од тој ден ние го славиме постоењето на Единицата, вели.

На ѕидот има фотографии од вежбовни активности на специјалците, спасувачки акции во земјава и од странство, но има и и реални фотографии од војната во 2001 година, од настаните во 2015 година во Куманово, фотографии од екстрадиции, од заеднички обуки со италијанските Карабинери во Рим, со припадници на полицијата, алпинистичкиот тим во од Австрија.

-На таблата на ѕидот ги има испишано имињата на сите припадници на оваа елитна единица, почнувајќи од 1981 до 2016 година, кога се славеше 35- годишнината и кога се отвори спомен куќата. Обновувањето на имињата ќе се направи на 40-годишнината. На ѕидот се закачени слики на сите команданти на оваа единица, од првиот командант, во тоа време комнадир, па до претпоследниот командант на единицата, вели соговорникот.

Во спомен куќата има книга за впечатоци во која посетителите пишуваат посвета и се потпишуваат. Забележавме дека последната посвета е од посетители од Австрија, поточно од екипа на воено-полициско списание од Австрија кои по препорака и во разговор со нивната специјална антитерористичка единица „Кобри“ направиле  фоторепортажа со ЕСЗ „Тигар“.

Во витрините се изложени и исечоци од различни свестки списанија но, и исечоци од нашите медиуми каде што биле објавувани текстови за специјалците. Во еден дел се поставени пехари од натпревари.

-Има плакати од соработка со италијанските карабинери, со специјалците од унгарскиот Центар за борба против тероризмот или ТЕК чија примерна цел се борбата против тероризмот и заштита на премиерот и главниот обвинител на Унгарија, како и плакети за соработка со РАИД од Франција по чиј пример беше и последното поголемо прегрупирање на Единицата, вели соговорникот и додава  дека соработуваат со сите тие елитни единици од кои учат и црпат искуство.

Даниела Вељановска

Фото: Слободан Ѓуриќ

Треба да знаете
Последни објави