Search

Зависноста од мобилни телефони е психијатријско пореметување

Истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон направиле мета-анализа во која биле вклучени повеќе од 40 различни студии, кои покажале дека во просек 23% од децата, тинејџерите и младите луѓе до 25 години страдаат од зависност од паметни телефони.
Во овие студии анализирани се 41.871 лице и во секое од нив е откриено дека од ова нарушување страдаат од 10 до 30 проценти од испитаниците. Детектирана е конзистентна поврзаност помеѓу ПСУ (Проблематична употреба на паметни телефони) и проблемите со менталното здравје.
Сепак, концептот на зависност од паметни телефони е контроверзен во академските кругови, па оттука му е дадена и кованицата ПСУ. Меѓутоа, извештаите кои произлегуваат од анализата покажуваат дека има доволно докази за оваа состојба да се поврзе со клиничките психијатриски проблеми.
Заклучокот е дека постои итна потреба да се развијат алатки што ќе ја намалат ПСУ, како и ​​да се осмислат соодветни мерки што ќе ја спречат зачестеноста на ова нарушување. Производителите на телефони почнаа да го прифаќаат тоа. На пример, „Епл“ го лансираше „скрин тајм“ во иОС 13, што им овозможува на родителите да контролираат колку време нивните деца ќе го користат својот паметен телефон.
Во секој случај, јасно е дека новите технологии честопати имаат негативно влијание врз најмладите, кои немаат мерка кога станува збор за нивната употреба. Затоа, потребно е да се пронајдат системски решенија што ќе им овозможат на децата и тинејџерите да користат телефони, но не и да претеруваат во тоа.

Треба да знаете
Последни објави