Search

 Жерновски од 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа: Зајакнувањето на регионалната соработка е наш врвен приоритет

Заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски денеска учествуваше и се обрати на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ, Предизвици и можности: одлив на мозоци – прилив на мозоци.

Поздравувајќи ги делегатите од Државите членки на ЗМЈИЕ, односно од Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Државата Израел, Република Молдавија, Црна Гора, Романија и Република Србија, заменик министерот за надворешни работи Жерновски посочи дека денешниот состанок е од посебно значење за Република Северна Македонија, имајќи предвид дека земјата не само што е седиштето на Секретаријатот на ЗМЈИЕ, туку и оствари едногодишен мандат како земја Претседавач со Здравствената мрежа на ЈИЕ.

Во продолжение Ви го испраќаме интегралниот текст од изјавата на заменик министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски.

„Денешниот состанок е од посебно значење за нас имајќи предвид дека Република Северна Македонија не само што е седиштето на Секретаријатот на ЗМЈИЕ, туку и оствари едногодишен мандат како земја Претседавач со Здравствената мрежа на ЈИЕ. Понатаму, сите може да се гордееме со успехот кој оваа Организација го покажува во континуитет, а кој можевме да го посведочиме, не заборавајќи дека таа е првиот изворен глас на Регионот во областа на јавното здравство која е основана во духот на солидарноста, отворениот дијалог, заемното почитување и инклузивноста.

 

Треба да се потсетиме на бурните времиња кога ЗМЈИЕ беше основана (во 2001-та година) и да подзастанеме за да си оддадеме признание за големиот напредок кој го постигнавме оттогаш. Веќе многупати досега се докажа дека регионалната соработка единствено може да донесе корист, а тоа пак особено важи кога станува збор за здравствените прашања, имајќи предвид дека на болестите не им требаат пасоши, ниту пак познаваат граници.

Во тој контекст, Здравствената мрежа на ЈИЕ донесе повеќе перспективи и напредок, знаејќи дека од нејзиниот прв состанок кој своевремено наиде на многу тивок одек, па сѐ до денес кога ЗМЈИЕ подготвува и истакнува заеднички потпишани Изјави на различни настани од глобален карактер, застапувајќи повеќе од 55 милиони луѓе од целиот регион на ЈИЕ.

Денешницата изобилува со промени кои секако не го заобиколуваат ниту Регионот на ЈИЕ. Ова е време за нови почетоци, од изборот на новиот состав на Европскиот парламент, преку новата Европска комисија, па сѐ до изборот на нов Регионален директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа кој наидува во претстојниот период. Во таа насока, сите ние во рамките на ЗМЈИЕ ќе ги разгледуваме нашите ставови во однос на прашањето како најдобро можеме да им помогнеме на нашите народи. Каква улога би можеле да преземат институциите и структурите на ЕУ за да им помогнат на Државите членки на ЗМЈИЕ да се соочат со универзалните предизвици како што се сигурноста на пациентите, работната сила во здравството и здравствените информации, преносливите и непреносливите болести, итн? Како може да се заштитат суштинските составни елементи на цврсто изградените здравствени системи како што се примарната здравствена заштита и вакцинацискиот екосистем, но и да се обезбеди просперитетна работна сила?

Миграцијата на работната сила и предизвиците кои таа ги создава претставуваат заеднички проблем кој го споделува целиот Европски регион, а тоа особено важи и за нашите земји. Токму затоа, имајќи го како цел премостувањето на различните состојби во кои се наоѓаат сите наши земји во поглед на здравството, Мрежата на ЈИЕ претставува совршена платформа за создавање и поттикнување соработка на етички начин која ќе придонесува кон безбедноста и одржливиот развој на Регионот. Во тој контекст, заложбата на ЗМЈИЕ за градење потесни односи на соработка со ЕУ врз основа на европските вредности и поддржана со експертизата на СЗО заслужува особено внимание.

ЗМЈИЕ дава свој придонес кон целокупниот напредок на сите наши земји  и служи како поттик за воспоставување и одржување ефикасна мрежа на контакти и соработка. Заслужува да се одбележи и дека Мрежата е препознаена како доверлив партнер и надвор од Регионов. Во тој поглед, заедничките напори треба да се насочат кон охрабрување на активното прибирање на здравствени кадри од земјите во развој во кои постои алармантен недостаток на здравствени работници. Сепак, реалноста зборува нешто друго и сите сме свесни за истото. За да се справиме со овој предизвик, ќе се водиме од Глобалниот кодекс на практики на СЗО за меѓународно регрутирање на здравствени кадри, кој ќе ни послужи како една континуирана и динамична рамка за дијалог и соработка, особено во насока на спречување на одливот на мозоци од земјите со помали просечни примања чии здравствени системи и онака се доволно кревки.

Дами и господа,

Кон самиот крај на моево излагање, би сакал да потцртам дека наш врвен приоритет и интерес е и понатаму да ја зајакнуваме регионалната соработка, заеднички вложувајќи интензивни напори во насока на усогласување на нашите правни рамки, надминување на разликите и развивање остварливи решенија за остварување заедничка иднина во еден просперитетен Регион како дел од просперитетна Европа.

Би сакал да му упатам честитки на Министерот Филипче за успешното остварување на едногодишниот мандат на нашата земја како Претседавач со ЗМЈИЕ.

Уверен сум дека во претстојниот период ЗМЈИЕ ќе продолжи да се здобива со сѐ поголемо значење, како и дека, користејќи ги поддршката и напорите на Секретаријатот на ЗМЈИЕ, Мрежата ќе продолжи да вложува сили и да ги става во употреба нашите заеднички капацитети кои во крајна линија ќе доведат до нови зајакнати облици на соработка во различни области на здравството“.

 

Треба да знаете
Последни објави