Search

Жерновски на 25-от Министерски совет на ОБСЕ

Заменик министерот за надворешни работи на Република Македонија,  Андреј Жерновски, кој ја предводеше делегацијата од Република Македонија на Министерскиот совет на ОБСЕ во Милано, имаше свое обраќање во кое се осврна на актуелните предизвици со кои се соочува Организацијата, како и за модалитетите за поефикасно справување со овие предизвици.

Исто така, ЗМНР Жерновски во обраќањето ги презентираше и активностите околу актуелните реформи во Република Македонија за исполнување на критериумите за пристапување на земјата во ЕУ, регионалната соработка, како и активностите во насока на стекнување на членство во НАТО.

Во рамките на Министерскиот совет на ОБСЕ, Жерновски оствари билатерални средби со Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, со Високиот комесар за Национални малцинства, Заниер и со Директорот на ОДИХР, Гисладотир.

За време на средбите соговорниците разменија мислења за тековните внатрешно политички случувања во Република Македонија.

На средбите беше потенцирана важната улога на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија и поддршката за реформските процеси на Владата, со уверување дека ваквиот пристап на соработка ќе продолжи и во наредниот период.

Од страна на заменик министерот Жерновски беше реафирмирана подготвеноста на земјата за продолжување на соработката со ОДИХР, а посебно за подобрување на изборните процеси кај нас, кои комплементарно придонесуваат за достигнување на бараните европски стандарди, важни за забрзување на процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

На маргините на состанокот, ЗМНР Жерновски, оствари билатерални средби со МНР на Австрија, актуелен претседавач со Советот на Европската унија, Карин Кнеисел, со МНР на Чешката Република, Томас Петричек, со ЗМНР на Грција, Томас Спенсер Николаос Квик, со државниот секретар на италијанското МНР, Пики.

Учеството на Министерскиот совет на ОБСЕ, Жерновски го надополни со неформални средби и разменети мислења со МНР на Србија, Ивица Дачиќ, МНР на Албанија, Дитмир Бушати, МНР на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, МНР на Турција, Мевлет Чавушоглу и МНР на Малта, Кармело Абела.

Од страна на соговорниците беше истакнато дека силно ќе ги поддржат процесите за членство на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Потенцирано беше дека добрите односи меѓу државите се важен предуслов за развој на земјите на Балканот и на регионот во целина, како и дека е важно билатералните прашања да се затворат низ принципот на регионална стабилност и безбедност.

„Ќе ги вложиме сите напори за да ја завршиме нашата домашна задача, со цел да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани”, беше истакнато од страна на ЗЖНР Жерновски, на средбите.

Треба да знаете
Последни објави