Search

Жената осомничена дека е руски таен агент во САД се изјасни за виновна

Жената осомничена дека е руски таен агент во САД се изјасни за виновна по обвиненијата за заговор, врз основа на договор постигнат со американските обвинители.

Марија Бутина е обвинета дека работела на тоа да се инфилтрира во политичките кругови на американската републиканска партија, преку групи како што е Националното здружение за огнено оружје (NRA).

Бутина денеска се појави пред судот откако постигна договор со обвинителите. Како дел од договорот, таа рече дека се обидела да влезе во NRA и да пренесе разузнавачки информации за американските политичари на руски државен службеник.

Случајот со Бутина, 30-годишна активистка во борбата за право да се носи оружје, даде увид во тоа како Москва се обидува да влијае врз американската политика. Нејзиниот случај не е поврзан со истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер за наводното руско мешање во претседателските избори во САД од 2016 година. Непосредно пред оваа објава нејзините адвокати и обвинители поднесоа правни документи со кои побараа да се измени нејзината првична изјава и рекоа дека го решиле случајот.

Бутина е во притвор од јули, а најпрво изјави дека не е виновна.

Според извештаите, таа соработува со истражители кои се надеваат дека ќе се договорат Бутина да им обезбеди информации за руските напори за мешање во американската политика.

Руската влада претходно излезе со став за овој случај во кој рече дека истиот е наместен.

Треба да знаете
Последни објави