Search

ЕХФ наброја 10 причини зошто РК Вардар ќе биде европски првак

ЕХФ многупати сезонава во ракометната Лига на шампиони си играше „топло-ладно“ со навивачите на македонскиот ракометен репрезент во Европа, со шансите и потенцијалите на Вардар.

Отпрвин, на почетокот на сезоната, ги сметаа за аутсајдери, па пред двомечот со ПИК Сегед повторно прогнозираа дека нема место за скопскиот тим на финалниот турнир во германија.

Сега ЕХФ со потполно нов став и гледиште на ситуација. Сметаат дека има 10 добри причини зошто Вардар повторно, како и во 2017 година, ќе се искачи на ракометниот покрив на Европа.

Ова го пишуваат експертите од ЕХФ за скопски Вардар пред Ф4 турнирот во Келн, претстојниов викенд:

1. Форматот

Благодарение на СЕХА лигата Вардар е научен да игра фајнл-фор турнири и знаат како да го издржат притисокот на двата најважни натпревари во сезоната. Доказ за тоа е и фактот дека Вардар има пет регионални трофеи.

2. Тимур Дибиров

Левото крило кое никогаш не старее и кое е најефикасното оружје на Вардар. Г-дин „Контра-напад“, кој има широк спектар на спин-удари со кои може да го загрози противничкиот гол.

3. Знакот

Полуфиналниот дуел со Барселона од 2017 во кој Вардар влезе како аутсајдер, а излезе како победник со гол во последните секунди е се уште свеж, а и годинава Барса е полуфиналниот ривал.

4. „Ел команданте“

Многу играчи си заминаа од Вардар, како и главниот „ум“, Раул Гонзалез, таткото на актуелниот вардаров тим. „Ел команданте“ и натаму е базата на екипата, над која се надоградува успехот, па и покрај тоа што Гонзалез нема да го видиме со ПСЖ во Келн, Вардар ќе се обиде да го освои и за својот поранешен тренер.

5. Стојанче Стоилов

Силниот кружен напаѓач е повеќе од капитен. Тој е лидер на борците, „силното срце“ на „фалангата“, тој не се предава, тој е мотиватор, борец, силата на тимот. Дури и кога нема повеќе да игра еден ден, тој и натаму ќе го носи вардаровиот дрес.

6. Тренерот

Роберто Гарсија Парондо се чини дека има магични раце. Со заминувањето на топ-ѕвездите, тој формира еден нов вардаров тим. Шпанскиот стил на Гонзалез комбиниран со нови црти во нападот и среќната „рака“ со потпишувањето на Стаж Скубе и Дејан Милосављев.

7. Дејан Милосављев

Голманот е клучот за трофејот, а Вардар без страв може да смета на еден – Дејан Милосављев, кој го замени Арпад Штербик, како вистински број еден. Келн ќе биде една од најголемите сцени на кои настапил младиот Србин во кариерата, на патот кон успехот.

8. Домашните фанови

Ниту еден играч од тимот од 2017 не може да ја заборави „црвено-црната“ парада која беше приредена во Скопје за нивните херои, кои дома се вратија со трофејот од Келн. Целата земја стоеше зад нив и го славеше историскиот спортски успех. Имајќи ја на ум националната еуфорија која може да ја предизвикаат, играчите ќе имаат екстра енергија и мотив.

9. Игор Карачиќ

Играчот кој изминатава сезона беше главниот креатор на играта на Вардар, дефинитивно ќе сака да се збогува со титула. Неговите асистенции и голови го отворија патот кон Келн, а најголемите потези на наследникот на Циндриќ се очекуваат.

10. Неизвесната иднина

Приказната за Вардар ќе продолжи, тоа е сигурно, но дали повторно ќе имаат шанса да стигнат во Келн? Никој не знае. Може ова да биде нивната последна забава на големата сцена. Нема поголем мотив од тој за Стоилов и соиграчите.

Треба да знаете
Последни објави