Search

ЕУ ќе може да применува таргетирани санкции за кибер напади

Европската Унија првпат ќе може да воведува таргетирани санкции како одговор на кибер напади и обиди за кибер-напади кои претставуваат закана за безбедноста на Унијата, одлучи денеска Советот на ЕУ.

Европската Унија денеска ја усвои правната рамка со која ќе може да прогласува вакви рестриктивни мерки во случај на кибер напади кои доаѓаат или користат инфраструктура од или надвор од ЕУ.

Со оваа правна рамка ЕУ ќе може да санкционира лица или ентитети кои извршиле или се обиделе да извршат кибер напад, но санкции ќе можат да бидат воведени и против оние кои пружале финансиска, техничка или материјална поддршка за таквите напади или кои биле инволвирани на било кој начин во заканата.

Санкциите предвидуваат забрана за патување во ЕУ и замрзнување на имотот на лицето или ентитетот, а ќе им биде забрането на лицата и ентитетите во ЕУ да ги финансираат санкционираните.

Денешната одлука е резултат на стратегија за справување со заканите на кибер просторот кои го загрозуваат интегритетот и безбедноста на Европската Унија.

-ЕУ останува посветена на одржување отворен, стабилен и безбеден кибер простор и посветена на решавање на меѓународните спорови во кибер просторот на мирен начин, во овој контекст сите дипломатски напори на ЕУ треба да бидат приоритетни во промовирањето на безбедноста и стабилноста на кибер просторот преку засилена меѓународна соработка, соопштија од Советот на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави