Search

ЕУ ја покажува својата моќ против Северна Македонија, наместо да ѝ покаже заби на Турција

На самитот на Советот на ЕУ Данска и Холандија ѝ се придружија на Франција искажувајќи спротивставување на почнувањето преговори за пристапување во ЕУ со две балкански држави. Париз ги призна напорите на Скопје, особено по договорот за промена на името со Грција, но во случајот со Албанија, трите земји изразија загриженост за напредокот на потребните реформи.

Георги Готев од Еурактив на Твитер прокоментира: „Толку тажно. Денес ЕУ ја покажува својата моќ против Северна Македонија, наместо да ѝ покаже заби на Турција“.

Според Роланд Фројденштајн, директор за политика на Центарот за европски студии Вилфред Мартенс, официјалниот аналитички центар на Европската народна партија (ЕПП), ставот на владата на Макрон ја изолира земјата, како уште една во низата „понови неуспеси на француската европска политика“.

„Од една страна, огромен дел од населението е заморен од проширувањето, особено во Западна Европа, меѓу другото и поради проблемите со владеењето на правото во Полска и Унгарија“, рече тој.

Од друга страна, тој истакна дека постои проблем со кредибилитетот на Унијата во Западен Балкан, бидејќи преговорите за пристапување биле ветени на политичко ниво, како и „опасност овие земји да се турнат во раширените раце на Русија, Кина и Турција ако ЕУ не покаже дека е сериозна во врска со проширувањето“.

Но тој рече дека француската влада е единствената што недвосмислено одлучила дека првиот проблем (заморот од проширувањето и од невладеењето на правото) е поважен и гласала соодветно на тоа.

„Наместо да ставаат вето на почетокот на пристапните преговори, земјите-членки треба да инсистираат на строга примена на критериумите за членство за време на преговорите од страна на Европската комисија и да подготват подобри инструменти за да ја следат состојбата со владеењето на правото по пристапувањето“, рече Фројденштајн.

Еурактив стапил во контакт и со европратеничката Натали Лоизо од Обнова на Европа, која беше и главен кандидат на Макрон на изборите за ЕУ. Според Лоизо, Париз долго време изразувал сомнежи. „Во момент кога Велика Британија заминува, кога треба да ја реформираме ЕУ и кога голем број земји-членки сè уште не кажале како ќе го финансираат следниот буџет на ЕУ, дали сме подготвени да размислуваме за проширување на нашата Унија? Реално?“, рече Лоизо.

Лоизо истакна дека илјадници Албанци доаѓаат во Франција и бараат азил: „Како можеме да отвориме преговори со Албанија?“, праша таа и рече дека Албанците одат во Франција без виза и потоа ги бараат бенефициите од бегалскиот статус, што честопати им се одбива.

„Или илјадници Албанци заслужуваат бегалски статус, што само по себе фрла сомнеж на тоа дали Албанија може да биде кандидат за ЕУ. Или трговците со луѓе и мафијата работат од Албанија до Западна Европа и ја охрабруваат нелегалната миграција. Затоа, во Албанија треба да се подобри борбата против организираниот криминал“, рече француската политичарка.

 

Треба да знаете
Последни објави