Search

ЕУ подготвена за нови санкции против Венецуела

Европската Унија е подготвена да преземе дополнителни санкции против припадниците на безбедносните сили во Венецуела инволвирани во тортура и прекршувања на човековите права.

Изјавата доаѓа по извештај на високата комесарка за човекови права на Обединетите Нации, Мишел Башле, во кој се обелоденуваат „сериозни прекршувања на човековите права” вклучително и тортура од страна на венецуелската полиција. Еден од тие случаи е смртта на капетанот Акоста Аревало кој почина во притвор најверојатно како последица на тортурата на кој бил изложен од страна на безбедносните сили во затворот.

– Ги повикуваме властите да им стават крај на генерализираните прекршувања на човековите права, соопшти кабинетот на високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и побара целосна соработка на Каракас со ОН за да се имплементираат препораките од извештајот на Башле.

– ЕУ е подготвена да примени таргетирани санкции против припадници на безбедносните сили инволвирани во тортура, стои во соопштението.

Унијата не ја исклучува можноста од дополнителни мерки против Венецуела доколку нема напредок во политичките преговори за надминување на кризата.

– Повикуваме на вистински ангажман и доволна флексибилност за итно да се постигне резултат кој ќе овозможи транспарентни избори под меѓународен надзор, стои понатаму во соопштението на Могерини.

Треба да знаете
Последни објави