Search

ЕУ: Ескалацијата во Либија е закана за меѓународниот мир

Министрите за надворешни работи на ЕУ бараат итен прекин на огнот во Либија и предупредуваат дека може да биде загрозен светскиот мир поради ескалацијата на насилство во земјата, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Воената офанзива на Либиската национална армија (ЛНА) врз Триполи и ескалацијата во и околу главниот град, претставуваат закана за меѓународниот мир и безбедност и дополнително ја загрозуваат стабилноста на Либија, гласи заклучокот на денешниот Министерски совет во Брисел.

Европската Унија бара сите страни под итно да спроведат прекин на огнот и да седнат на преговарачка маса под покровителство на Обединетите Нации.

ЕУ стравува и поради големиот број на мигранти од Супсахарска Африка, кои се наоѓаат во Либија, од каде обично се обидуваат да пристигнат на европскиот континент преку Медитеранот. Бегалците и мигрантите се најчесто жртви на лош и нехуман третман во оваа земја и ескалацијата на насилство претставува закана и за овие лица.

Поради ова, ЕУ бара властите во земјата да обезбедат сигурен пристап до хуманитарната помош и да ги заштитат цивилите.

Министрите предупредија и дека нападите врз населените места во земјата можат да бидат третирани како воени злосторства и дека оние кои го нарушуваат меѓународното право треба да одговараат.

– Нема воено решение за кризата во Либија и ЕУ ги повикува итно сите страни повторно да се посветат на политичкиот дијалог под водство на ОН, стои во заклучоците од денешниот Совет.

Треба да знаете
Последни објави