Search

ЕУ го зголемува притисокот врз Кина во трговските преговори

Дваесет и шестата рунда трговски преговори помеѓу Кина и ЕУ завршува денеска, но без значаен напредок. Еврокомесарот за трогвија, Фил Хоган, предупреди дека Кина треба да вложи поголем напор.

-Средба на пола пат не функционира за ЕУ, нашите пазари се широко отворени, веројатно најотворени на свет, јасно ставивме на знаење дека бараме да се ребалансира асиметријата, изјави Хоган на бизнис настан во Брисел.

Европската Унија и забележува на Кина дека не дозволува доволен пристап до кинеските пазари за европските компании, додека кинеските компании имаат транспарентен и непречен пристап до европските пазари.

Трговските преговори меѓу Кина и ЕУ траат од 2013-та, а денеска привршува 26-тата рунда без голем напредок. ЕУ смета дека Кина треба да обезбеди фер и еднакви услови за сите учесници на пазарот, доколку навистина сака да склучи трговска спогодба со ЕУ.

Целта е спогодбата да се склучи оваа година и со тоа да го зголеми пристапот до пазарите за инвеститорите од двете страни.

-Оваа година ќе биде посебно важна бидејќи влегуваме во директни разговори со Кина преку низа настани на високо ниво. Самитот ЕУ-Кина ќе се одржи на пролет во Кина, а ќе има и лидерски состанок во Германија во септември, најави еврокомесарот за трговија.

Но, тој нагласи дека иако бројни европски компании веќе имаат пристап до инвестиции во Кина, тој е свесен дека тие компании се соочуваат со големи предизвици на кинескиот пазар во однос на пристапот и предвидливоста.

-Сакаме Кина да оствари конкретен напредок во отворањето на пазарите, ова беше една од клучни заложби на самитот ЕУ-Кина минатата година, потсети еврокомесарот.

Треба да знаете
Последни објави