Search

Ерјавец на средба со Џафери: Потешкиот дел доаѓа по членството во НАТО

Потешкиот дел од работата доаѓа по членството во НАТО кога ќе биде потребно да се преземат поголеми реформи и да се обезбеди соодветен процент од буџетот за одбраната. Ова го истакна министерот за одбрана на Република Словенија, Карл Ерјавец, кој престојува во официјална посета на Република Македонија за време на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Министерот Ерјавец додаде дека Словенија стои на располагање да ги понуди сите свои ресурси и експертиза и истакна дека членството на Република Македонија ќе биде позитивен сигнал во насока на стабилноста на Балканот.

Според Ерјавец, членството на Република Македонија во НАТО би придонело за стабилноста во безбедносен аспект на државата, но и за стабилноста во економска смисла, со што ќе се овозможат поголеми перспективи за младите.

Џафери се заблагодари за поддршката што Република Словенија ја дава за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

„Неговата посета во овој клучен момент за Република Македонија, кога Амбасадата на Република Словенија станува контактна точка за НАТО, е уште една потврда за пријателството меѓу двете држави кое се негува со децении“, истакна претседателот Џафери.

Тој го информира соговорникот за процесот на уставните измени и за реформските процеси во Собранието на Република Македонија во контекст на процесот на пристапувањето во НАТО и изрази надеж дека најдоцна до почетокот на наредната година земјата и официјално ќе биде триесеттата земја членка на НАТО.

Соговорниците беа едногласни дека одличните билатерални односи, без отворени прашања, треба да бидат зајакнати во процесот на хармонизацијата со законодавството на ЕУ, како и во доменот на економијата, животната средина и другите области од заемен интерес по принципот на научени лекции и добри практики во процесот на пристапувањето на Република Македонија за членство во Европската Унија.

Треба да знаете
Последни објави