Search

Ерменија ги отфрла обвинувањата на Баку за подготвување терористички напади

Службата за национална безбедност на Ерменија ги отфрли како апсурдни обвинувањата на Азербејџан за заговор за терористички напади на прометни јавни места на нејзина територија, објави новинската агенција „Арменпрес“.

„Силно ги отфрламе плодовите на трескавична имагинација на азербејџанските специјални служби. Ваквите апсурдни тврдења не се достојни за коментар, но можеме да сугерираме дека откако ја изгуби контролата над исламските терористи, екстремистичките групи и нивните агенти, кои пристигнале на територијата на Азербејџан во голем број, Баку нема друг избор, освен однапред да ја обвини Ерменија за тие негативни случувања, кои многу веројатно ќе следуваат“, се вели во изјавата на Службата за национална безбедност на Ерменија.

Ереван континуирано ја обвинува Турција за директна вмешаност во конфликтот во Нагорно- Карабах. Според ерменското раководство, Турција не само што ја испраќа својата војска во Азербејџан туку и распоредува платеници од сириските екстремистички групи, поддржани од Турција.

Обновените судири меѓу Азербејџан и Ерменија избувнаа на 27 септември со интензивни битки во спорниот регион Нагорно-Карабах. Разгорување на насилството имаше и во летото 2014 година, во април 2016 година и минатиот јули.

Азербејџан и Ерменија воведоа воена состојба и почнаа напори за мобилизација. Двете страни во конфликтот пријавија жртви, меѓу нив и цивили.

На разговорите со посредство на Русија, одржани во Москва на 9 октомври, Азербејџан и Ерменија договорија прекин на огнот, кој стапи во сила во 12 часот по локално време во саботата на 10 октомври од хуманитарни причини, за размена на притворените лица и пронаоѓање на телата на загинатите.

Сепак, обете страни се обвинуваат за кршење на прекинот на огнот.

Треба да знаете
Последни објави