Search

Ердоган со поддршка за Мадуро: Брату, главата горе

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, остварил разговор со претседателот на Венецуела, Николас Мадуро и му изразил поддршка откако лидерот на опозицијата, Хуан Гуаидо, се прогласиза привремен претседател, изјави портпаролот на Ердоган, Ибрахим Калин.

„Нашиот претседател му се јави и му изрази поддршка на венецуелскиот колега Николас Мадуро, велејќи му: ‘Мој братe Мадуро! Главата горе, ние сме со тебе!“, објави Калин на „Твитер“.

Гуаидо вчера се прогласи за привремен претседател и тоа со поддршка од Вашингтон и многу земји од Латинска Америка, а по ваквата објава односите со САД ги прекина социјалистот Мадуро кој е на власт од 2013 година, во земјата богата со нафта, но во тешка економска криза поради која населението бега во соседните земји.

Вториот претседателски мандат на Мадуро започна на 10 јануари, откако победи на изборите одржани во мај, што многумина во светот, вклучувајќи ја и Европската Унија, ги прогласија за недемократски. Оттогаш, Мадуро е предмет на зголемен меѓународен притисок да поднесе оставка.

Повеќето земји од Латинска Америка го признаа Гуаидо за нов венецуелски претседател, но на страната на Мадуро застанаа левичарските влади на Куба и Боливија, осудувајќи ги, како што истакнаа, империјалистичките акции кои имаат цел да го соборат од власт.

Постапките на западните земји утрово ги осуди и официјална Москва, од каде порачаа дека Западот на меѓународното право гледа од аспект на своите стратешки позиции.

Мексико со новиот левичарски претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор, соопшти дека нема да заземе страна за ситуацијата во Венецуела. Од таму сепак ја осудија надворешната поддршка за лидерот на опозицијата, оценувајќи ја истата како кршење на суверенитетот на Венецуела.

Треба да знаете
Последни објави