Search

Ердоган со Меркел, тема се мигрантите и Либија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека ширењето на хаосот во Либија се заканува да влијае на целиот медитерански басен и повика да се изврши притисок врз водачот на либиските сили на исток да се придржуваат кон примирјето.

Ердоган присуствуваше на церемонијата на отворање на новиот кампус на турско-германскиот универзитет со германската канцеларка Ангела Меркел.

„Успехот на Берлинскиот план за прекин на огнот во Либија зависи од неговата примена на теренот“, рече Ердоган и додаде дека е важно да се изврши притисок врз генералот Калифа Хафтар и неговите приврзаници на истокот на земјата.

Разговорите меѓу Ердоган и Меркел, исто така, се очекуваше да се фокусираат на иднината на договорот за миграција меѓу Турција и Европската Унија, кој помогна да се намали протокот на бегалци во Европа, пренесува АП.

Бројот на мигранти кои влегуваат во Европа од Турција минатата година значително се зголеми кога луѓето што бегаат од конфликтот во Сирија пристигнаа во Грција, што доведе до влошување на условите во претрупаните кампови на егејските острови.

Предводена од Германија, ЕУ во текот на 2016 година се согласи на Турција да ѝ одобри до 6 милијарди евра помош за сириските бегалци, но Ердоган често ја обвинува ЕУ дека не успеала да ја исполни својата страна од договорот, заканувајќи се дека ќе ги отвори портите кон Европа.

Меркел пристигна во Турција во време на засилени тензии поради обидот на Турција да буши природен гас во водите на Медитеранот, каде што Кипар смета дека има ексклузивни економски права.

Треба да знаете
Последни објави