Search

Ердоган: САД не ги исполнуваат своите обврски во Сирија

Рокот за повлекување на курдските сили од 120 часа не е остварен, изјави турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во пресрет на средбата со американскиот претседател Доналд Трамп.

Ердоган денеска истакна дека САД не ја исполнуваат својата обврска за потиснување на курдската милиција од пограничното подрачје во Сирија, прашање кое тој следната недела ќе му го постави на американскиот претседател.

Турција пред еден месец во Сирија започна офанзива против Силите за заштита на народот, милиција на сириските Курди, и зазеде територија од 120 километри, а со Американците, на кои Курдите им се сојузници во борбата против ИД, Анкара се договори Силите за заштита на народот да бидат потиснати.

– Оние кои ни ветија дека Силите за заштита на народот ќе се повлечат во рок од 120 часа, не ја остварија својата обврска, нагласи Ердоган на прес-конференција.

Тој рок е наведен во американско-турскиот договор од октомври и за неговото спроведување Ердоган планира да разговара со Трамп на 13 ноември во Вашингтон.

Освен со САД, Анкара се договори и со Русија дека курдските сили треба да се повлечат 30 километри од турско-сириската граница во североисточниот дел на Сирија.

Според одредбите од двата договора Анкара се согласи да ја прекине офанзивата, со цел да им даде време на курдските борци да се повлечат.

Анкара ги смета припадниците на Силите за заштита на народот за терористи, бидејќи се поврзани со курдските бунтовници во Турција.

Треба да знаете
Последни објави