Search

Енрике: Ја преземам одговорноста, наредната недела ќе зборуваме за мојата иднина

Шпанија вечерва беше поразена од Мароко со што го заврши настапот на Мундијалот во Катар во осминафиналето. Победата на Мароко беше големо изненадување, па затоа во медиумите веднаш се постави и прашањето за иднината на Луис Енрике.

Уште пред Мундијалот, шпанските медиуми објавија негово заминување без оглед на исходот и успехот, но допрва ќе се знае дали Шпанија ќе се обиде да го задржи или ова ново фијаско ќе заврши со заминување на актуелниот кормилар.

Енрике на прес-конференцијата после натпреварот ја презема одговорноста за поразот, но не откри дали ќе си замине.

Тој им открил на медиумите дека тој ги избрал првите тројца изведувачи на пенали, додека за останатите требало да се договорат самите репрезентативци.

– Ја преземам одговорноста бидејќи првите тројца изведувачи беа мој избор, за другите одлуката беше на репрезентативците. Боно е одличен голман кој често брани пенали, а денеска беше одличен, изјавил Енрике.

Пенали не реализираа Сарабија, Солер и Бускетс, па немаше ни простор за четврта и петта серија.

За иронијата да биде поголема, Енрике пред мечот изјави дека ги натерал фудбалерите да шутнат по 1000 пенали како тренинг за осминафиналето.

„Наредната недела ќе зборуваме за мојата иднина, сега не е вистинско време. Целосно ја преземам одговорноста за поразот. Помеѓу двата тима секогаш треба да има респект, како што се победува, така и се губи. Понекогаш судбината е тешка, но таков е спортот. Јас сум горд на моите фудбалери“, изјави Енрике.

Треба да знаете
Последни објави