Search

Ел Чека осуден на една година затвор, условно

Кичевскиот основен Суд, на Шеќерим Ахмети, познат како Ел Чека, му одреди условна казна затвор од една година, ако во наредните две години не стори ново кривично дело. Веста за Алсат М ја потврди неговиот адвокат Бесник Асани, кој вели дека во оваа постапка е прекршен Кривичниот законик.

-Мислиме дека се направени многубројни суштински повреди на постапката, според Кривичниот законик. Една од тие е што во ова дело не постои оштетена страна, кој е битниот и главен елемент во кривичната постапка. Ова го знае и студент од прва година на Правен фукултет, дека ако не постои оштетена странка, неможе да постои и кривично дело, вели Асани.

Во пресудата како што информираат од Алсат М, пишува дека Ел Чека од 29 до 31 мај 2019 година, на социјалната мрежа ФБ, објавил повеќе тонски снимени прислушувани телефонски разговори, со што им овозможил на корисниците на социјалната мрежа и други неповикани лица да се запознаат со содржината на ваквите разговори.

Адвокатот Асани вели дека не се задоволни ниту од пресудата, ниту од текот на постапката и дека ќе ја обжали пресудата пред Апелацискиот суд во Гостивар.

Во завршните зборови обвинителката Манка Јаневска побара Ел Чека да се прогласи за виновен, но при изрекување на казната Судот да го има во предвид фактот дека обвинетиот е млад и досега не осудуван. Постапката пред кичевскиот суд за Ел Чека, кој живее во САД, а кој во изминатиот период објави десетина бомби со прислушувани разговори за челници на ДУИ, односно сегашни и поранешни функционери на партијата, се одвиваше во негово отсуство. Инаку, Ел Чека тврдеше дека снимките ги добил од тројца обвинети во Диво Насеље, (Шефќет Халачи, Валдет Зекај и Сами Укшини). 

Треба да знаете
Последни објави