Search

ЕК со честитки за Преспанскиот Договор

Бројни честитки пристигнуваат преку социјалните мрежи по ратификацијата на Преспанскиот Договор во Атина, јави дописничката на МИА во Брисел.

Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, го нарече решавањето на спорот за името “историски исчекор” за двете земји, за регионот и за Европа во целост.

-Им аплаудирам на лидерите од двете страни за нивната храброст и визија, напиша Хан.

Овој успех, додаде тој, немаше да се случи без јасната перспектива за членство во ЕУ за наскоро именуваната Северна Македонија.

-Ова е силата на атракцијата на ЕУ во најдобро светло, која носи стабилност и просперитет за регионот во време кога дестабилизирачките сили растат.

Тој рече дека е лично задоволен што патот кон Преспа започна со договорот од Пржино во 2015, кој тој лично го посредуваше и кој и овозможи на земјата да излезе од длабока политичка криза.

-Оттогаш земјата започна длабоки реформи и ги реши споровите со соседите, ова треба да биде инспирација за целиот регион, заклучи Хан.

Се огласи и еврокомесарот за финансии, Французот Пјер Московиси на Твитер, и порача дека со денешната ратификација се преминува важна етапа за политичката и економската стабилност на Грција, на регионот и на Европа.

Треба да знаете
Последни објави