Search

ЕК: Можна нова судска процедура против Унгарија поради малтретирање бегалци

Европската Комисија бара дополнителни објаснувања од унгарските власти за наводите дека авганистански бегалци биле малтретирани и насилно вратени во Србија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Според медиумите и Високиот комесаријат на Обединетите Нации за бегалци, УНХЦР, минатата недела две авганистански бегалски семејства, од кои седум деца, биле насилно вратени во Србија на 7 мај. УНХЦР информираше дека лицата биле третирани на брутален начин, дека им била забранета храна, и дека станува збор за „флагрантно кршење на меѓународното право” бидејќи немало сериозен обид да се разгледа нивното барање за бегалски статус.

-Нивниот случај ја нагласува нашата загриженост за тоа што се случува во Унгарија каде барателите на азил се отфрлаат не врз основа на нивното барање, туку затоа што според унгарското законодавство нивните барања автоматски се сметаат за неприфатливи, изјави минатата недела Филип Грандо, комесарот на ОН за бегалци.

Европската Комисија денеска порача дека побарала детали од Унгарија за овој случај и дека многу сериозно ги сфаќа овие наводи.

-Одбивањето да им се даде храна на бегалците не е компатибилно со европските правила за азил и за враќање кои сите мораат да ги почитуваат, вклучувајќи ги и темелните права и адекватни услови за прием, изјави портпаролката на ЕК, Наташа Берто.

Берто додаде дека Европската Комисија го задржува своето право да отвори прекршочни процедури за случајот доколку се утврди дека не се почитувале обврските според правото на ЕУ. Европската Комисија отвори повеќе случаи пред Европскиот суд за правда против Унгарија, од кои два се однесуваат на непочитувањето на правото на азил.

Треба да знаете
Последни објави