Search

ЕК: Делумно исполнети препораките за образованието, пандемијата влијаеше на напредокот на реформите

Земјата е умерено подготвена,  врз образовниот систем и напредокот на реформите во образованието длабоко влијаеше пандемијата со КОВИД-19, затоа што напорите на Владата беа фокусирани, пред сè, на создавање средина за учење на далечина, наведува Европската комисија (ЕК) во Поглавјето 26 на Извештајот за напредокот на Северна Македонија во 2020 година.

-Како резултат на пандемијата КОВИД-19, образованието главно се одвиваше преку учење на далечина. Министерството за образование усвои нови протоколи и упатства за рационализација на наставните програми и поддршка на училиштата и наставниот кадар во имплементацијата на комбинираниот модел на настава. Нов концепт за развој на систем за учење на далечина во основно и средно образование беше усвоен во јули 2020 година и беше развиена национална платформа за поддршка на учењето на далечина, се посочува во Извештајот на ЕК.

Констатира дека спроведувањето на целите од Стратегијата за образование 2018-2025 напредува бавно, како и имплементација на соодветен систем за мониторинг. Препораките од минатогодишниот извештај се само делумно обработени и остануваат да важат.

Во наредната година Северна Македонија треба особено да се посвети на спроведување на стратешката рамка за образование, пред се на целите за предучилишно образование и реформа за стручно образование и обука, на подобрување на поддршката за обука и професионален развој на наставниците и обезбедување ефективен процес на оценување, да се подобри пристапот до квалитетно образование за сите, особено за децата со попречености и за децата Роми, како и да се зголеми запишувањето во предучилишна возраст.

Во Извештајот на ЕК се нотира донесувањето на новиот Закон за основно образование и неговата примена од учебната 2019/2020 година, со кој се обезбедува основа за инклузивно и квалитетно образование. Ја спомнува и новата Концепција за основно образование што МОН ја усвои во март годинава која, како што се наведува, ја нагласува инклузивноста, родовата сензитивност/еднаквост и интеркултурализмот како клучни принципи.

Во однос на усвоениот концептот за инклузивно образование од јули 2020 година, извештајот нотира дека се формирани инклузивни тимови во основните и средните училишта и се изготвени индивидуални образовни планови за учениците со попреченост. Обезбедени се средства за 323 образовни асистенти во училиштата, а за да им се олесни пристапот на овие ученици се прават и реконструкции и инфраструктурни проекти. Се доделуваат стипендии за нив, како и за ромски деца. ЕК посочува дека се ангажирани ромски образовни медијатори за поддршка на учениците Роми во основното образование на локално ниво, а се зголемува и процентот на студенти Роми запишани во високообразовните институции во последните три години, од 42 на 48 отсто.

Европската комисија во годишниот извештај ги нотира и слабите резултати на меѓународното тестирање по математика  (ТИМСС) за 2019 година, кои беа презентирани во декември 2020, според кои земјава беше рангирана на 45-то место по математичка писменост и на 51-во за природните науки меѓу 58 земји што учествуваа.Наведува и дека земјава ги продолжила подготовките за учество на ПИРЛС-тестирањето во 2021 и за новото ПИСА-тестирање кое од 2021 е одложено за 2022 година.

Укажува и на измените на Законот за стручно образование и обука и дека реформирана четиригодишна програма се спроведува низ сите училишта во земјата. Основањето три регионални центри за стручно образование и обука, според ЕК, се очекува да ја подобри ефективноста на реформата за стручно образование.

Исто така, се спомнува и новиот Закон за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, усвоен во октомври 2020 година.

Иако е постигнат одреден напредок во однос на предучилишното образование, нивото на запишување останува ниско, што се должи и на пандемијата. Само 45 отсто од децата од три до шест години се запишани во лиценцирани образовни институции во 2020-2021 година, што е благ пораст во споредба со претходната година. Изменет е Правилникот за стандарди и норми за предучилишно образование со цел да се подобри пристапот и вклученоста на децата со посебни потреби во јавните и приватните институции.

Останува низок процентот на запишани во високото образование, бројот на студенти запишани на прва година студии се намалува во последните три години.

ЕК посочува и дека Северна Македонија продолжува активно да учествува во програмата Еразмус+ и во Европскиот солидарен корпус и дека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ја подготви и потпиша програмата за работа за новиот програмски период 2020-2027 година. Нашата земја, како што е наведено во Извештајот, изразила подготвеност повторно да се придружи на Еразмус+ како придружна трета земја за програмскиот период 2021-2027 година. Формалното здружување се очекува да биде завршено во втората половина на 2021 година.

Треба да знаете
Последни објави