Search

Ексамбасадорот Димитровски репетирал пушка кон сосед

Поранешниот македонски амбасадор во Љубљана Тони Димитровски вчера околу 15.30 часот кон соседот С.А. вперил автоматска пушка која ја репетирал дознава „360 Степени“.

До откривањето на оружјето дошло откако тој вчера попладне се скарал со сосед кој пријавил дека поранешниот амбасадор во ходникот од зградата кон него репетирал и автоматска пушка.

Ваков случај е пријавен и во МВР, но бидејќи сè уште работат на расчистување на случајот не соопштуваат дали за пронајденото оружје поседувал дозвола.

„Вчера околу 15.30 часот А.Д. пријавил дека во зграда на улицата ‘Тодор Александров’ во Скопје неговиот сосед Т.Д. по кратка вербална расправија во ходникот на зградата извадил автоматска пушка и ја репетирал кон него. Полициски службеници веднаш по добивањето на пријавата излегле на местото на настанот. Во домот на Т.Д. се пронајдени повеќе парчиња оружје и муниција, кои се одземени. Т.Д. е повикан во полициска станица и со него е извршен службен разговор и се работи на расчистување на случајот“, велат од МВР за „360 Степени“.

Димитровски, според информациите кои ги објавил на неговиот Фејсбук профил, во моментов не извршува државна функција, туку напишал дека од јануари годинава е советник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Побаравме коментар и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде најавија одговор, кој до моментот на објавување на текстот не пристигна.

Според неофицијални информации до кои дојде „360 Степени“, кај Димитровски биле пронајдени три пиштоли, три пушки, четири рамки со муниција, ќеса со куршуми и др.

Инаку, пред да стане советник на Мицкоски, Димитровски од април 2014 до март 2018 година беше амбасадор во Љубљана, Словенија. На оваа позиција тој замина откако претходно седум години, од февруари 2007 до јануари 2014, беше конзул во Солун.

За време на неговиот престој во Солун, Министерството за надворешни работи (МНР) испрати и протестна нота до Грција откако тој беше приведен, па ослободен, кога во 2011 година, полицијата го сопрела, бидејќи не носел возачка дозвала. Бил задржан, но откако се јавил во тамошното МНР бил пуштен. По ова македонските власти ја повикаа тогашната амбасадорка на Грција во земјава, Александра Пападополу за да ѝ врачат протестна нота поради третманот на грчките власти кон македонските дипломати.

Треба да знаете
Последни објави