Search

„Еко герила“ до Заев: Во Тетово владее хаос и урбана пропаст, некој мора да понесе одговорност

Tетово е град претворен во урбана пропаст, каде што преовладува сообраќаен хаос, недостаток на јавна чистота, депонии за отпад во повеќето делови од градот, недостаток на вода за пиење во многу населби, недостаток на јавен превоз, недостаток на паркинг или катни гаражи, велат од движењето „Еко герила“ во обраќање на премиерот Зоран Заев.

Од таму додаваат дека релевантните институции и инспекторати, заедно со сообраќајната полиција, доживеле тотален неуспех да воспостават ред и закон.

„Еко герила“ објави и видео од, како што велат, уништувањето и узурпацијата на зелените јавни површини во центарот на градот.

„Додека парковите и зелените јавни површини во сопственост на сите граѓани, се бетонираат, општината молчи и не презема ништо за да го спречи тоа. Градот Тетово во моментов се чувствува како куќа без домаќин, градоначалничката Теута Арифи и во својот втор мандат не успеа да одговори на потребите“, наведуваат од движењето во обраќањето до премиерот.

Од „Еко герила“ потсетуваат дека во 2017 година од позиција на премиер Заев дал отворена поддршка за Арифи.

„Сега ве молиме да ги одземете ингеренциите на општина Тетово за кои истата не успеа целосно да управува и да се справува. Јавното обвинителство треба да ги испита сите случаи на можна злоупотреба на службената должност“, стои во соопштението.

„Еко герила“ смета дека Заев како премиер треба да сноси одговорност и да интервенира со цел ситуацијата што побрзо да се врати во нормала и во Тетово да се воспостави владеењето на правото.

Треба да знаете
Последни објави