Search

Еко активисти со протестно дефиле побараа затворање на депонијата Русино

Еко активисти денеска продефилираа по гостиварските улици со транспаренти и предупредија на опасноста од неконтролираното депонирање отпад на регионалната депонија Русино. Дел од нив со автомобили дојдоа пред влезот на депонијата од каде побараа нејзино затворање.

Граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух во Гостивар” која се организираше преку социјалните мрежи, испрати порака до надлежните институции за изнаоѓање решение за, како што рекоа, долгогодишниот проблем на гостиварци – палење и постоење на тивкиот убиец, нестандардната депонија Русино.

Барањата на иницијативата се: затворање на депонијата, современ пристап за управување со отпад, изнаоѓање решение за отпадот што ќе остане по затворање и нова локација за депонија по ЕУ стандарди

– Русино не е депонија. Русино е само место каде се складира секаков вид отпад. Русино постојано гори и ние се сомневаме дека отпадот се пали бидејќи по дваесет години користење, капацитетот е веќе исполнет. Состојбата е поразителна и еколошки недозволива и штетна за здравјето на гостиварци. Нашите сознанија упатуваат на катастрофална состојба со почвата на ова подрачје. Има испитувања чии резултати покажуваат на енормна загаденост. По Сушичка река тече кафеава и загадена вода. Во Гостивар стана секојдневие: затворете ги прозорите, труе, гори Русино. Значи комплетно загадување на водата, подземните води, почвата и воздухот, рече Валентина Штерјоска еко активист.

Протестирачите по дефилето испратија и апел до надлежните да се зафатат сериозно со решавање на проблемот со Русино. Тие нагласија дека иако Русино е локален проблем што го загрозува здравјето на гостиварци и ја загадува животната средина, станува и глобален проблем.

Преку социјалните мрежи членовите на граѓанската иницијатива „Стоп Русино-чист воздух во Гостивар” речиси секојдневно објавуваат слики и видеа со состојбата на депонијата и ги предупредуваат сограѓаните кога се има енормна загаденост.

Иницијативата претходно најави голем протест, но заради препорачаните мерки за заштита од КОВИД-19, го одложија и го сменија начинот на делување, чија цел е, како што рекоа, подигање на свеста и подобра информираност за проблемот со Русино.

Треба да знаете
Последни објави