Search

Една година влада на Нова демократија во Грција

Промоција на мирот, соработката и развојот на Балканот; подобрување на билатералните политички односи со сите земји од регионот, како основа за економски развој, заживување на водечката улога на Грција во промовирањето на интегративниот процес на Западен Балкан, се дел од основните активности на Министерството за надворешни работи на Грција, сработени во изминатата година, а поврзани со регионот.

На 7 јули 2019 година, Нова демократија беше победник на предвремените парламентарни избори во Грција, успевајќи да добие доволен број гласови за да формира еднопартиска влада, а една година подоцна, од надлежниот заменик министер и Секретаријатите за координација објавија детален извештај за оствареното во секое министерство посебно, јави дописничката на МИА од Атина.

Во Министерството за надворешни работи, како основни оски на политиката се споменува промоција на сликата и позициите на Грција во странство, како и зајакнување на економската екстровертност.

Во Министерството за финансии главните оски, меѓу другото, се намалување на даночните оптоварувања на домаќинствата и деловните субјекти, зајакнување на ликвидноста во реалната економија, подобрување на ритамот на отплата на јавниот долг, промоција на приватизациите, справување со финансиските последици од здравствената криза.

Во изминатите месеци со пандемијата на Ковид-19, Министерството за здравство беше во фокусот на вниманието, а во отчетот, како главни оски на политиката се мерките за справување и спречување на ширењето на новиот коронавирус, активности за заштита на јавното здравје, достојни услови за  грижа за сите итн.

По повод една година влада на Нова демократија, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис вели дека во Грција се направени скокови на напредок, „а овие скокови не беа случајно направени, туку по напорна работа и поддршка од целото општество” и паралелно на социјалните мрежи објави видео „Ви благодариме за довербата”.

Во речиси две и пол минутниот спот, споменати се најважните настани, меѓу кои кризата на Еврос и пандемијата на Ковид-19.

Видео за истиот повод објавија и од опозициската СИРИЗА под наслов „Една година Нова демократија, сѐ наопаку” во кое говорат за рецесија, зголемување на рецесијата и зголемување на невработеноста.

Треба да знаете
Последни објави