Search

Египет со проблеми при финансирањето на изградбата на новиот главен град вреден 58 милијарди долари

Египетската влада сака да го премести своето седиште во нов главен град во пустината од средината на 2020 година, но проектот вреден 58 милијарди долари e со проблеми со добивање средства и мора да ги надмине другите предизвици, бидејќи некои инвеститори го напуштија проектот.

Работниците брзаат да го завршат центарот од новиот град на време што ќе го замени Каиро, сегашниот главен град на реката Нил, кој има 20 милиони жители и е преоптоварен од сообраќајот.

Проектот на новиот главен град, кој започна во 2015 година од страна на Абдел Фатта ал-Сиси, една година откако стана претседател на земјата, има за цел да понуди чист и поефикасен град за владата и финансиската индустрија, а во исто време дом на околу 6,5 милиони луѓе .

Сепак, проект кој треба да и помогне на египетската економија, го загуби главниот инвеститор од Обединетите Арапски Емирати и сега е раководен од Министерството за домување и воено инженерство.

-Постои многу силен интерес на политичко раководство за да се заврши проектот, изјави Ахмед Заки Абдин, пензиониран генерал кој ја предводи компанијата што го гради новиот град.

Но, тој истакна дека „големите проекти доведуваат до големи проблеми”, како што е недостатокот на квалификувана работна сила која треба да изгради „паметен град” или да привлече 58 милијарди долари за проектот во наредните години од инвестирањето во продажба на земјиште.

-Потребни ни се големи инвестиции, а државата нема пари, вели Абдин, додавајќи дека 20 отсто од инвестициите досега се од странство, вклучувајќи 4,5 милијарди долари од Кина. Новиот град, сега познат како Нов Административен Главен Град, ќе биде на околу 700 квадратни километри. Во првата фаза ќе бидат изградени владини згради, министерства, станбени згради, дипломатски и финансиски квартови.

Досега е завршена само голема џамија и катедрала, хотел и конференциски центар.

Градот, исто така, ќе бара речиси 650.000 кубни метри вода дневно, што може да биде уште еден проблем за таа северноафриканска земја, опкружена со пустини.

Засега,работници на Кинеска корпорација поставија темелите за 21 облакодер, како и за  највисоката зграда во Африка, која, кога биде изградена, ќе има 85 спрата.

Втората и третата фаза се на чекање поради финансиски несогласувања, рече Абдин.

Треба да знаете
Последни објави